ВЕЛЕЛЕПЕН ГОСПОДОВ ХРАМ

Манастирот Свети Пророк Илија кај селото Дрен

Преку селото Тројаци или Беловодица се стигнува до манастирот Свети Пророк Илија, кај селото Дрен. Триесетина километри релативно добриот пат е “закрилен” со дебели стебла од вишни дрвја. Гранките од двете страни подаваат “раце”, преплетувајќи се, прават незаборавен венец, дабовата шума прави зелен тунел со пријатна сенка. Рекичките се минуваат при смалени води.

Чудни се патиштата Божји. Човек кренал велелепен Господов храм. Над селото Дрен никнал манастирот Свети Пророк Илија. Од двете страни мали водотеци природно го оградиле местото. Жуборејќи, го привлекуваат вниманието да се ѕирнат. Припитомена убавина.

Влезот е со лозница.. Сенката гали на пеколот. Од страните колоритност од летни цветови. Мискојна се шири, небаре се гази на патеката кон рајската градина. Опива мирисот. Цутот опушта во чистиот воздух. Ладната вода блика од чешмата на која силно “свети” сонцето со 16 краци, вие бујна вода од шепурките. Течноста “лекува” со поглед. И ја освежува душата. На страничниот ѕид од стариот конак пречекува молитвата господова “Оче наш”.

Манастирските двери отворени

Огромната дрвена порта направена од бел бор, висока пет ипол метри, тешка два тони. Лесно и скромно се отвора пред љубопитноста да се наполни срцето. Божјиот храм е на местото на урнатата мала црквичка. Вредни господови поклоници и верници кренале нова, поголема од претходната. Градена е според црковните правила со камен, со куколски гранит и травертин, дотерувани од вештите раце на мајстори од Пустец. Грандиозна е. Над 100 илјади евра обезбедиле домаќините од граѓани и фирми. И МПЦ и Македонците од дијаспората и други добронамерници помагале побрзо да се вивне Божјиот храм. Само иконостасот е околу 30 илјади евра каде стои најстарата икона од пред 100 и повеќе години. Грижата ја има трудољубивиот манастирски одбор. Владиката Петар донесол мошти од шестиот век од Романија да ги стави во темелите.

Ктиторот Цветко го сонувал светецот  Илија

Претходната црквичка била градена во 1949 г. на темелите на некое мало црквиче. Ја осветил Митрополитот дебарско – кичевски Методиј. Ктитор, градител бил Цветко Георгиоски. Бил земјоделец и сточар. Според едни на Цветко, на сон му дошло да се гради манастир на тоа место. Често го сонувал светецот со бела брада, качен на коњска кола и тупотел како да поминува цела војска. Таму биле темелите на старата црква. Цветко пронашол и черепи што сведочело дека имало црквиче и пред тој да гради. Со помош на семејството го подигнал манастирот и една соба за посетители.

Се раскажува дека уште тогаш на местото се палеле свеќи. Друга “легенда” вели дека Цветко бил човек на кого децата му умирале по раѓањето. Го сонил местото да подигне манастир. Го изградил по Божја волја и милост и имал четири деца кои и ден денеска се живи. Не се знае вистинската приказна, но нешто го терало Цветко да го изгради манастирот. Одамна таму имало манастир. И сега при копање пронајдени се четири гроба кои пак се закопани до темелите.

Во 1985 година е изградено поголемо црквиче. Служби се одржувале на Свети Илија, Свети Архангел Михаил, Томина недела.

Велелепни конаци

Во поплочениот двор шармира велелепната зграда на новиот конак со балкони, под нив трпезарија за 100 посетители, а потаму камбанарија. Конакот има 20 чисти соби со душеме, а балконот е поплочен со мермер. Има и бањи и просторија за управата. Хигиената е на високо ниво. Конакот дише од чистота и убавина која воодушевува. Навечер кога ќе светнат канделабрите помислувате дека сте дел од некоја прекрасна бајка. Романтично. Просто од градите се откинуваат воздишки.

Од змијарник никна место за восхит. Зелена оаза од пустелија. Сé е припитомено. Цвеќето се одгледува, небаре се очи. Многу пари се даваат по цветните садници, хортикултурата, дури и за овошни дрвца – круши, јаболка, ореви, сливи, па жални врби, зимзелени дрвца кои се обликуват да изгледаат необично. Се негува и црешата насадена од Цветко.

Покрај специјално направените две скари и фурна, има повеќе од четири декари земја. Сé е заградено поради животни, дотерано, собрани лисје и искосена трева. Лете се одмора на ливадата наземи или крај масичките со клупи.

И зиме и есенско време секој ден има и посетители. Водите околу манастирот го крадат вниманието. Чешмата со три шепурки има силен извор. Мајсторите врзале десет чешми во затворен систем со резервоар од 12 кубици вода. Во близина е и чешмата Света Петка.

– За лековитоста на водата, не знаеме. Важно водата е лесна и пивка. Лечи самото присуството во манастирот – велат домаќините кои не одгледуваат ниту овци, ни кози.

Брзо мрак го поплави денот. Блеснаа канделабрите да ја разбијат темнината. Опиени од впечатливото живописно доживување, се враќаме по патот кој го минуваат плашливи зајаци. Треперат светулките во темнината, потсетувајќи дека секој престој во манастирот Свети Илија е ново возбудување и доживување.

Loading