ЗА ЗДРАВЈЕ И СРЕЌА СО МОЛИТВА И ОРО 

Одбележан празникот Свети Никола Летен во Загорани

Масовно беше посетен манастирот во Загорани на 22 мај за манастирската слава “Свети Никола Летен”. Собрани од секаде, гостите беа воодушевени од активностите на новиот манастирски одбор кој презел обврска за доизградба и уредувањето на кујната, тремот и оспособувањето на собите за престој. На ФБ страницата на селото, се пофалија со организацијата годинешните домаќини Марјан Мицкоски, Игор Талески и Филип Конески кои посакаа среќа за успех во замислата манастирот да се претвори во духовното место, во катче за одмор и за душата.

Во уредувањето учествуваа многу добронамерници, компании, здруженија со континуирана помош и поддршка на манастирскиот комплекс.

Инаку, црквата Свети Никола во Загорани е еднокорабна, полукружно засводена градба, со полукружна апсида на источната страна со една централна купола. Како што пишува на порталот, Прилеп стари фотографии, според теренските испитувања на Јован Трифуноски, црквата е градена во 1882 година, во чест на „Свети Никола летен”. Старата црква се наоѓала на околу 800 метри од селото. Била со димензии 10х4 м. Ѕидовите биле од камен и цигли, премачкани со малтер. Околу биле старите селски гробишта со камени делкани крстови. Старите селани ја нарекувале  црквата „латинска” од непознати причини,

Темелите за новата црква се осветени во 1990 година. По теренските испитувања тим од музејот, новата црква е градена на темелите на старата „латинска” црква. Видливи се вградените антички табли и во градбата на новата црква, а низ дворот се наоѓаат антички столбови. Оттука селаните ја нарекувале „латинска”. На источната страна дограден е трем. Црквата е осветена во 2003 година.

Loading