ВИОРОТ НА ВОЈНАТА ГИ ДОНЕСЕ ВНУЦИТЕ ВО ПРИЛЕП

Ала Илиоска (62) од Украина најде мир во Кадино село

Љубовта Ала Илиоска (62) од Украина ја донела во Кадино село. А сега и виорот на војната, ја тера да биде небаре квачката со пилињата. Да ги згрижува, чува рожбите од ќерката Ксенија која уште е во Запорожје. По едниот внук Олег (23) кој веќе три години живее со неа в село, веќе три недели под покривот го има прибрано и најмалиот внук Никита (12), за кого се бори да му обезбеди пристојни услови за живот. Тој уште нема регулиран статус, не оди на училиште и не знае македонски јазик. Бабата Ала очајно се бори да му го олесни секој миг.

– Никита сам дојде до Полска каде со туѓи луѓе седеше 5 дена. Брат му Олег успеа да го донесе во Македонија што чинеше 600 евра и уште сум борч. Добри луѓе ни дадоа облека, обувки, храна. Но, тој има потреба од телефон и интернет да комуницира со мајка му од Украина и брат му. Не можам да му овозможам, а храна имаме сега засега. Имам голема помош од Украинско – руското друштво. Малиот седи дома, сака да учи македонски јазик, да контактира со децата во селото и во Прилеп. И ќерка ми сака да дојде заедно со третиот син, кој сега наполни 18 години. Не го пуштаат сега да ја напушти Украина. Имам и сестра во Запорожје која кажува дека е многу лошо – објаснува Ала Илиоска, Украинката која живее во Кадино село.

Со Душан Илиоски се запознала во Запорожје во 1997 година кога тој дошол по работа откако пропаднала градежната фирма во Битола. Се изнедрила љубовта со Ала и 23 години живееле заедно во Украина. Никакви пречки немало во брачното гнездо, иако немале заедничка рожба. Но, несреќата и тагата, ја заменуваат среќата и разбирањето. Останала ем без сопруг, ем со голем трошок.

-Имав фирма и живеевме убаво. Во 2016 година дојде да ја гледа мајка му. Дојдов и јас, седев извесно време во Кадино село, но се вратив во Украина. По 6 месеци од смрта од мајка му, отиде по работа во Хрватска. Во недела пристигнал, а во вторникот починал ненедејно. Морав да платам 2600 евра да го донесат мртвото тело. Наместо да спечали пари, се врати со борч и во сандак. Во февруари минаа 2 години откако почина. Не излегов од Македонија. Работев сама што можев, аргатка. Ми помагаа и луѓето. Бидејќи мажот ми почина, немам три години брак со Македонец, туку само 2 ипол години, за државјанство ќе мора да одам по општ услов, односно живеење 8 години во Македонија – објаснува Ала Илиоска.

Засега е витална. Работи и не се срами за пари да чисти и помага во домаќинствата в град. Работи и поголемиот внук Олег кој дошол во Кадино село за закопот на Душан, а сега има и лична карта.

– Се снајдувам некако. Работам што можам. Од здруженијата ми помагаат, кој со храна, кој со пари, ама е многу лоша работата во Украина. Градови се срамнети со земја, војната трае и не знам што ќе биде утре. Никита ја бара мајка му. Приврзан е со неа. Ја сака и секој ден í се јавува. Таа го теши. Најмал син í е.  Го утешува, го храбри да не плаче и му ветува дека ќе дојде. Ќерка ми Ксенија (42) е разведена. Во Украина нема плин, струја, нема работа. Најмногу сакам за Никита да се реши статусот, да може да го пријавам за здравствено осигурување, да учи, пријавен е како гостин, не е полнолетен. Старател треба да се определи. Имам електронски полномшно од ќерката – објаснува Ала.

Раскажува дека Душан бил добар човек. Животот ќе го заврши во Македонија, далеку од роднот огниште каде сега војната остава пеплишта. 

– Што ќе правам таму? Сстанот е затворен, комуналните сметки само се трупаат. Овде се снајдувам со дрвца од ваму од таму. Соседите многу ми помагаат и сите од селото. Имам и пријатели стекнати со чесна работа – вели Ала Илиоска.

Во потрагата по екзистенција, во дворот направила и леи за расади, иако тутун никогаш порано не садела. Ги минува деновите во желба и сон дека еден ден ќе се собере повторно заедно нејзиното семејство. Со надеж и утеха гледа на секој нов ден. Во големиот селски двор друштво им прават двата песа на кои им вика на руски.

Мечтае за спокојство и сигурност, не само за себе, туку за трите нејзини наследници кои сака да имаат светла иднина и спокојство далеку од родната грутка.

СРЕЌНО ДЕТСТВО ЗА СИТЕ ДЕЦА

Тимот на Унија на жени Прилеп помогна на 12 годишниот Никита и неговиот брат, кои се дојдени кај нивната баба како бегалци од Запорожје, Украина.

– Никита првпат е разделен од својата мајка. Му посакуваме што поскоро да биде заедно повторно целото негово семејство. Пораката која ја праќаме е мир во целиот свет и желба за среќно детство на сите деца – напиша на ФБ, досегашната претседателка на Унијата на жени на ВМРО – ДПМНЕ на Прилеп, Ирена Стерјоска.

Loading