ДУП И ГУП

Седевме на клупа во паркот в центар на дозволено растојание. Се знаеме од поодамна. Тој е повозрасен. Цел работен век се занимава со урбанизмот во градов. Такаречи ,,градот  го има во малиот прст,,. И така, лаф-муабет, те како си, те како ја мина оваа напара од болест и дојдовме со муабетот до тоа дека Прилеп наместо да се развива како град остана како село, покрај сите напори со години на планот на комуналиите.

Не е важно кој ја држи локалната палка на комунален план. Откако се направи регионалниот водовод Студенчица и неколку набрзина школски примери како не треба да изгледаат кружните текови, освен еден-два, и да не заборавиме реновирањето на булеварот, која друга улица е проширена да заличи на градска, урбана. Сé е како што не треба – вели соговорникот.

И јас така мислам и тврдам дека градските улици се ,,тесно грло,, за толку многу возила.

-Ете тоа е тоа. Не треба да си некој стручнак да знаеш дека на Прилеп одамна му требаат широки улици. Уште во поранешната федерална држава, колегите, ама не од Македонија ги ,,нацртале,, планирале улиците многу, многу пошироки отколку што се сега. Планот, оној Генералниот урбанистички, демек ГУП како што бил некогаш нацртан, сега не може ни Господ да слези да го препознае. Сиот е менет според желбата на едни и на други. Пред 30 и повеќе години се градеа куќите на диво. Ние, како инспектори, носевме решенија за туркање. Сега сите станаа ,,питоми,,. Ама ГУП-от стана ,,див,,   како што не беше планирано урбанистички – зборуваше пријателот.

Му климав со главата како коњ за зоб. А, што и да му кажам, кога не се разбирам од оваа област. Обичен граѓанин сум, косака градот да биде убаво уреден, со широки улици, со решени комунални проблеми, а пријателот продолжи сакајќи да каже дека се разбира од комунално урбанистичките нерешени прашања во градот.

-Како и сé, и улиците и крстосниците се решаваат на пријателска база. Ако е некој чауш, демек голем во Општината, или во некое јавно претпријатие, ќе му се дозволи да гради куќа, зграда, таму каде што со ГУП-от не било планирано. Набрзина се врши пренамена. Иако со ДУП-от (деталниот урбанистички план) била проектирана ниска градба, не високи куќи, со одлука на градските фактори се пречкртува некогаш нацртаното. Демек – ,,пу- пу не важи,,. Наново се зема ллинирот и се тргаат нови параметри како што сака ,,големецот,,. Така е скроен градот сега и во многу други случаи порано. Така ,,дојдоа дивите да ги избричат питомите,, – вели пензионираниот инженер и продолжува:

-Го знаеш број на куќата од дедо ти каде што седеше порано? – ме праша.

-Го знам – му велам.

-Знаеш сега кој е?

-Тогаш беше двоцифрен, а сега е троцифрен, со глас на оправдување – му одговарам.

-Гледаш, се потврди мојата теза. Рекоа дека нема да се менуваат и улиците и броевите, но се сменија заради легализацијата на дивоизградените објекти – не запира соговорникот жалејќи ги сограѓаните кои живеат во трошни куќарки со малку поголеми дворови.

-За нив веднаш се наоѓаат инвеститори. Се купуваат уште две-три куќи, иако се добри за живеење и инвеститорот прави измена на ГУП-от или ДУП-от за да никне висока зграда. Независно што некогаш не биле планирани згради, сега тешко на оние кои ги продават куќите на оној кој намислил да гради зграда. Нема да видат ни сонце, ниту да отоворат прозорец или да седнат на тераса. Комшијата од станот во зградата веќе е ,,залепен,, на пенџере. Нема, како некогаш, план, куќите да бидат оддалечени толку и толку метри една од друга. Или ако имаш прозорец, да не смее да ти го затвори. Тоа што некогаш важеше, одамна не важи. Сé е како што ќе речат пријателите на оној кој ги има во Општината и кој е веќе ,,газда,, на планираната и неизградена висока зграда. Ова не е од вчера, ами е од поодамна, независно која партија ја води локалната власт – подзамоличи пријателот, оти како да се подизмори од неговиот монолог.                                                                                                                            К.Р.

Loading