КОДОШИ

Белешка

Кодошлакот – накажувањето, или прекажувањето, (онака како што мисли и сака да се сфати) тој што го кажува, го имало уште од памтивек. Уште во Библијата е опишано како Јуда Искариотски, го предава, кодоши Исуса Христа. Оттогаш, како да не е изменето. Луѓето се лажат меѓу себе, се накажуваат едни на други, на инспектори, на полицијата, воопшто се додворуваат со тоа на властите, што се вели. Или, човек во човека гледа душман – непријател. Ако на некого не му се допаѓа моето однесување, мислење, преку разговор со другите ќе измисли за мене или за личноста што е на тапет. А, од каде сето ова доаѓа. По мое, тоа е од лошотилакот кај луѓето, зависта, необразованоста, несовесноста, нечовечноста…

Да не ги мешаме сегашните секојдневни политички препукувања преку вестите и другите емисии на ТВ меѓу опозицијата и власта. Едните ги кодошат другите дека, на пример, направиле нешто, што според нив не требало, и тоа ќе го ,,запали,, народот. Другите веднаш ќе се надоврзат со таков кодошлак по тежина. Демек тоа не е кодошење, накажување. Или да се вратиме малку порано. Сигурно турскиот аскер не знаел каде се комитите на многуспоменуваниот во последно време Гоце Делчев. Од каде разбрале дека е во селото Баница? Се знае, некој го накодошил и им кажал и заврши приказната! Или да се сетиме за атентатот на Ѓорче Петров во Софија. Тогаш немало токи-воки, модерни смарт телефони да се каже на непријателите како да го пречекаат Пере Тошев во заседа во Дреновската клисура. И! Што и? Готово и со него. Во заседа бил убиен.

Има уште којзнае колку други примери на кодошење на непријателите за ликвидација на наши познати личности. Од каде знаеле бугарските ,,администратори,, дека Кире Гаврилоски и Круме Волнароски се наоѓаат во Ѓогдере за да ја запалат куќата во која биле сместени. Или случајот со загинатите кај Карпалак. Кодошот си го остварил сонот. Кажал дека конвојот заминал од Прилеп. И во толку и толку часот во теснецот кај Карпалак, бум! Заврши приказната со припадниците на резервниот состав на македонската армија. Загинаа и беа ранети толку и толку наши сограѓани. И тогаш, а и сега не се знае кој им кажа, кој беше кодошот на оние што со зољи пукаа од планините.

Кажува комшијата како пред многу години беше опасно да се гради куќа на диво. Немаше закони, одлуки и што уште не за легализирање. Сега  озаконувањето на дивоградбите стана мода, односно официјално нужност, решавање на социјален проблем. Дошле инспекторите комунални и уште од врата на недоизградената куќарка на диво му рекле: – Е, што му смета ова куќаре на твојов комшија?! Тој не знаел дека е накодошен. Тие кажале од кого е накажан за да му се турне на комшијата куќарката, што еве сега стана легална.

Значи комшијата на комшијата му е непријател број еден. Еден за друг си знаат многу и се гледаат по цели денови. И се наслушуваат и по цели ноќи. Но, ете нешто ги тера да се кодошат, да се накажуваат, небаре од тоа ќе видат некаков аир. Некои се опседнати да им наштетат на комшиите, блискиот да не виде арно, да му се ,,скрши,, раатот. И да не видат некое фајде, што се вели.

Не знам со кое право ЕВН, во секоја сметка пишуваа: – ,,Пријави кражба на електрична енергија,,. Демек да го накодошам комшијата, ако се сомневам дека краде струја! А, што ќе добијам со тоа? Па нели ЕВН е приватна компанија и располага со не знам какви не апарати за пронаоѓање на арамилакот. Нека најдат модус за нивните проблеми. Законот им е закрила, а не да се малтретираат и поддупнуваат граѓаните на кодошлак, односно на модерно накажување!?

К.Р.

Loading