ЛУЃЕТО СЕ РАЃААТ И УМИРААТ, САМО МАКЕДОНЦИТЕ ИЗУМИРААТ

pismo-2

На шаховски турнир во Пула, мојот шаховски пријател од Полска, професор на факултет по историја, ми рече: ,,Вие, Македонците, имате најбогата историја во Европа. Преку неа светот ве препознава и ви се воодушевува. За вашиот Александар Македонски има напишано тони книги, само за Исус Христос со Библијата има нешто повеќе. Македонија била вистинска империја со плејада славни цареви. За жал, многу малку ја познавате вашата историја. Каде и да скршнеш, ќе наидеш на лекција од вашата историја. Вашето име е исконско,наследно,,.

Денес апсурдот стана реалност. Оваа држава веќе не е наша. Како да нема што да загубиме. Се изгубивме. Плус државното и поединечното достоинство. Служиме само за потсмев и сожалување. Целта до бескрај е проѕирна: непостоење на Македонија и македонскиот народ. Пајакот не плете мрежа само поради една мува. Какво е тоа пријателство со условување? За да ти успее фалсификатот, мора да го уништиш оригиналот. Не знаат дека нацијата е наследник на минатото. Историјата има задача да раскажува, а не да докажува. Идентитетскиот геноцид е поопасен од физичкиот геноцид. Компромис со идентитетот значи дека сам се уништуваш. Може да влезеш во НАТО, во ЕУ, да се качиш на Марс, но за светот остануваш неидентификуван лигавец. Треба да си класичен идиот да се откажеш од нешто што историски ти припаѓа. Многу векови Македонија немала држава, но македонскиот идентитет не бил доведен под прашање. Едно е да бидеш Македонец, а друго е да бидеш северен. Идентитетот се претвора во географски поим.

За сé што ќе направиш во животот, треба да бидеш свесен за последиците. Секој добива тоа што заслужува. Многу често жртвата станува џелат. Едно е да тргнуваш од позиција на Македонец, а друго е ако се доживуваш како војник на една партија. А трето е, ако те влече личниот интерес.

Историска наша должност е да се спречи проектот за уништување на Македонија. Не смееме да бидеме заложници на партиите и орудие на партиската власт. Само орудие на независна и суверена Македонија, боречка Македонија и целиот македонски народ кој забавува но не заборава. Да се разбуди тој храбар, грамотен, џин. Да си го вратиме македонскиот народ како чувар на македонското битие. Мека реторика за тешки национални прашања не дава резултати. Не може никој македонскиот народ да го избрише од картата, ако тој сам не се избрише. Сите сметки мора великодушно да бидат израмнати. Нема иднина со отсуство на сериозна национална визија.

Вистинско лидерство не е да ги кренеш рацете по препораки од надвор, туку да кажеш јасно и едноставно: ,,Тука е Македонија и сите останати приказни се излишни,,. Оние кои сакаат брзо членство во НАТО и ЕУ, без оглед на цената, не се заинтересирани за иднината на Македонија.

П.С. Ако при пописот нема да има графа Македонец, извршителите нема да бидат добродојдени.

ПРИМ,ДР.  Б. ДАМЕСКИ

Loading