ПЕНЗИОНЕРКА СО ЗАРОВИ

Славица Јованова на 64 години е страстен играч на табла

-Со внукот игра онлајн

slavica jovanova

,,Машко-женската,, игра табла, како шахот е дравна игра и потекнува некаде од Блискиот Исток, кај нас од поодамна се негува во источниот дел од земјава. Се игра и во Прилеп, Крушево, Кавадарци… Помалку во другите градови. На оваа загатлива игра, делат мегдан и пензионерите на регионалните и државните натпревари.

Пензионерката Славица Јованова на возраст од 64 години одамна игра  табла со заровите и пуловите. Според неа, нужни се многу размислувања, мудрост и претпоставки за очекувањата на заровите, коцкичките со броеви од 1 до 6.

-Потребно е знаење и среќа. Од фрлањето на коцките, заровите, од тоа што ќе се добие, колку црни точки ќе има на нив, зависи кој ќе победи. Имаат посебни имиња различните комбинации на двата зара. На пример, за две единици, се вели дека се епиек. Ако паднат две тројки се вика дека тоа се дусе, па четири бројките, дорџар, ду беш, и ду шеш. Тоа се имиња од земјите на потекло на играта. Имиња имаат и бројките кои на заровите не се дупли. Таблата содржи три игри. Земањето на пуловите, значи и победа. Најпрво се игра првата игра. Играчот треба да внимава неговите црни или бели пулови да не бидат ,,турнати,, блокирани, што зависи од фрлањето на коцките. Во продолжението, во втората игра, нема победник до последното фрлање на заровите. И третиот, финален дел, е игра со име ,,тапа,,. Зависи од добивањето на бројките на фрлените коцки. Ако противникот ги земе сите пулови, а другиот играч не успее да земе ниту еден пул, ја добива играта. Играчот кој ги зел сите пулови пресметува за себе си два поени. Таа се вика ,,марс,, или ,,срам,,. Се игра  додека победникот не води со еден или два поени – ги објаснува правилата ,,таблаџијката,, Јованова.

На регионалните и државните пензионерски спортски натпревари се игра само првата. Јованова учествува и секогаш е победник. Добитник е на прво, второ и трето место. Се закитила со 12 медали.

-Ја сакам оваа игра која малку жени ја играат. Не ја знаат, оти не се трудат да ја научат. А таа е толку драматична и загатлива. Врз основа на бројките на заровите, нужни е предвидување на потези со пуловите на противникот. Но, и предвидувања на бројките на заровите. Да се совладаат тајните на играта, првин треба да се научат правилата. И среќата може да биде сојузник. Победа носат добиените зарови со посакувани бројки. На пример, најлесна е првата игра што најмногу се игра. Потребна е умешност, мајсторија, да се прават ,,капии,, блокади, со пуловите и да се внимава на кое место се пуловите во двете површини на таблата за да не ,,те удри,, противникот и да не те исфрли од игра. Односно да не те победи – кажува Јованова.

Сите три игри на таблата се играат според одредени правила од некого и некогаш. Нема литература како да се игра да се стане победник.

jovanova 1

-Сé зависи од фрлањето, од бројките на заровите. Покрај знаењето на правилата, секако треба да се има и ксмет или несреќа, малер. Комплицирана е играта. Можеби затоа не ја играат жените, особено не им лежи на пензионерките. На малку припаднички на понежниот пол, без разлика на возраста, им е омилена игра. Игравме со една колешка од Скопје. Мислев дека е готова. Триумфирам. Текот на играта цело време беше во моја полза, моја беше партијата, но на крајот таа фрли ,,епиек,, – две единици. И победи. Зарот ми ја зеде партијата. Затоа се вели дека ,,зарот губи – зарот тепа,,. Играта бара темелно длабоко, размислување, аналитика, тактика, стратегија, маневрирање со пуловите… Потребно е и студиозно гледање на стилот на игра на ривалот. Накусо, нужно е знаење и искуство да се ,,нурни,, соперникот. Сепак, коцките се пресудни. ,,Марсот,, или ,,срамот,, кој ќе го добие, односно ја добива партијата, оти тоа носи два поени – додава Јованова.

Пензионерката ја научила таблата, гледајќи го комшилукот како дете. Мажите играле редовно под едно дрво. Не í сметало тропањето на пуловите и заровите на таблата. И останал впечаток нишањето на заровите во дланката во едната или во другата рака пред да се фрлат.

-Така се ,,заљубив,, во мистеријата, таинственоста, неизвесноста и безграничните комбинации, се разбира, со ,,милиот, тон на заровите. Мераклија сум на таблата околу 25 години. Играм и со мажи, па со внукот од золва, кој ја знае добро играта. Од него начив марифети. Сепак, потезите зависат од бројките на заровите –  вели таа.

Пред да се пензионира, Славица била просветен работни. На учениците им предавала математика и физика. Нејизниот дух е немирен. Како жена работела во конфекцијата Солидност. Откако таа пропаднала, беше првата жена таксист. Пет години не се плашела од ризиците на оваа професија. Научила каде се наоѓаат сите улици во градот. Чувала и деца за пари.

Табла í е забава, релаксација. Го исполнува, времето како што сака, со задоволство.

-Додека трае пандемијава, играм со внукот онлајн, преку компјутер. Додуша само првата игра. Треба да се одржува ,,кондицијата,, и да се тера обостран кеф. Играм и со ќерка ми кога е слободна. Вешти се младите – открива Јованова.

Не е во прашина, туку ја чува домашната, стара табла. Иако пуловите се излижени од играње 20 години, í се драги, оти í носат среќа и ја потсетуваат на пријатните чувства на победа.    

Живее од семејната пензија по смртта на сопругот.

Loading