КОЈ ЌЕ ГО НАСЛЕДИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ МИЛЕ ТАЛЕВСКИ

Совет на Општина Прилеп

Sovet so maski

Кој ќе седне во претседателското столче во Советот на Општината и кои ќе бидат двајцата нови членови на општинското тело, ќе знае наскоро. На последните предвремени парламентарни избори, Претседателот на Советот Миле Талевски и прв човек на ОО на СДСМ – Прилеп доби пратенички мандат. Останува испразнета позицијата прв човек на органот. Советничкото општинско столче со пратеничка фунција го замени и првиот човек на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, што значи дека во Советот влегува следниот на листата за советници од локалните избори 2017. Двајцата го стекнаа пратеничкиот мандатат на 4 август со конституирање на парламентарниот состав и пратеничката инагурација со што автоматски им престанува советничкиот мандат. 

Дознаваме дека досегашниот  претседател на Совет на општината, на седница која најверојатно ќе се одржи на 21 август, односно на 24 август, ќе поднесе оставка, со што ќе му биде констатиран престанок на мандатот. Според Статутот на членот на Советот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран: ако поднесе оставка, во случај на смрт, ако е осуден затвор над шест месеци, ако настапи случај на неспоивост со функцијата член на Советот согласно Законот за локалните избори, ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност и ако престане да биде жител на Општината.

На новиот претседател му останува една година да ја практикува функцијата затоа што претседателот е со мандат од четири години од кои изминаа веќе три години. Миле Талевски беше избран за претседател на Советот на 30 октомври 2017 г. Во Советот од коалиција предводена од СДСМ учествуваат 15 советници, а од коалицијата од ВМРО-ДПМНЕ 12 мандати. Претседател на Советот се избира со мнозинство гласови. Се шпекулира дека Прилеп не е исклучено првпат да добие жена Претседател на Советот. Познавачите на политичките состојби, во улогата ја препознаваат Еленче Ташкоска која беше и кординатор на форумот на жените на СДСМ, со што ќе се оди чекор напред во практикувањето на родовата еднаквост. За прететендент на претседателското столче се споменува и претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Александар Китаноски. Не е исклучена можноста, ,,водите да им ги помати,, младиот советник Никола Багески кој е претседател на комисијата за урбанизам. До изборот на претседател, Советот го свикува и со него раководи најстариот член на Советот.

Кој друг ќе стане советник од владеачката и опозициската коалиција во Советот ќе каже верификационата комисија. Од коалицијата, предводена од СДСМ, на листата се: 20. Ангелина Велевска, 21. Александар Чапкуноски, 22. Рубинчо Ристески, 23. Силвана Белушанец, 24. Марко Спиркоски, 25. Ангела Трајкоска, 26. Виктор Талески и 27. Христијан Забрчанец. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата следни се: Кирил Ѓорѓиески, Лидија Димоска, Дејан Филипоски, Филип Димитриески, Милена Цветкоска, Виолета Жежоска, Николче Кукуноски, Александар Крстески, Кристијан Момироски, Жанета Видевска, Снежана Наумоска, Никола Златески, Тони Чадамов и Мирјана Тодороска.

Кој и да биде новоизбраниот претседател на Советот треба да работи во согласност со правилата и Деловникот и со целиот свој капацитет да придонесе за подобар живот на граѓаните, без разлика на политичката, верска, национална и каква било друга определба.     

Loading