ВЕЧНО МЛАДИ СО МАРИОВСКАТА „ТРЕВА ШТО БЕГА“ КАЈ СРЦЕТО НА КАЈМАКЧАЛАН

Vrv so srce

Еликсир на младоста и убавината се тревите копида и топида, кои растат само во Мариово. Се верува дека тревите носат среќа и бериќет. Според кажувањата, оној кој ја има амајлијата направена од двете треви од врвот на Кајмакчалан, ќе остане вечно млад, убав и ќе го следи к’смет.

Според една од легендите, се вика ,,тревата што бега,, бидејќи не ја најдува секој кој ја бара. Таа исчезнува или се губи во друга трева штом ќе се најде и ќе пружи рака да се скини. Или пак ако се успее да се скини, кога ќе ја однесат дома, таа ќе се исуши или ќе ја снема.

Се раскажува дека живи се вратиле само тројца Мариовци од Првата светска војна, бидејќи носеле амајлија, направена токму од “тревата што бега”.

Ова растение го добил на подарок поранешниот амбасадор на САД, Лоренс Батлер, а ја поседуваат и неколку познати македонски функционери.

Инаку, највисокиот врв на планината Ниџе, Кајмакчалан (2521 м.), е познат од Првата светска војна и фронтот меѓу Германците и силите на Антантата. Планината е мета на авантуристи и лете и зиме поради раскошните глетки. На врвот, на границата меѓу Македонија и Грција, е изградена капела да сведочи за жртвите од војната. Од височината се шири поглед кон грчкиот дел на Пелагонија со неколкуте езера, а од другата страна е пространото Мариово.

Во капелата, градена од српските победници, е сместена урната со срцето на Рудолф Арчибалд Рајс. Тој бил швајцарски професор, криминолог, фоторепортер и дописник за весници во неколку земји. Известувал од боиштето, а по војната останал во Белград. Бил почитуван. Оставил аманет неговото срце да заврши на Кајмакчалан. Желбата му била исполнета и срцето било сместено во урната на Кајмакчалан, која и денес стои во напуштениот објект.

Според преданието, врвот го добил името по арамијата Кајмак. Кајмак и чалам, на турски значи лукав арамија. Тој како арамбаша со четата се искачил на врвот, носејќи украдено азно. Таму копал дупка да го крие златото. Комитите го убиле и исчезнала под земјата тајната локација на богатсвото.

Loading