МАКЕДОНЦИ, ЗАПРЕТЕ ГО ПРОЦЕСОТ НА САМОУНИШТУВАЊЕ

pismo-2

Со студена пот и оловни прсти ги пишувам овие редови. Нешто крупно се готви зад евтините пердиња на нашата надворешна политика. Од нашите соседи и од нашите предавници објавена е војна на сé што е македонско. За нив, најголемиот проблем е нашето постоење како Македонија и како Македонци. Склучија срамни и предавнички спогодби и договори со соседите. Не ја почитуваа изразената волја на македонскиот народ за името на Република Македонија на референдумот. Срамно се откажаа од македонскиот идентитет. Безобзирно ја продадоа македонската историја и култура и историските и културните дејци, преродбеници и револуционери. Воведоа двојазичност. Светот се чуди и се смее. Ова е најголем национален срам. Овој вирус е поопасен од коронавирусот, затоа што урива сé што е македонско. И за сето ова бараат да имаат поддршка. Се срамам, навистина се срамам.

Коте од Отља, норвешкиот премиер Квислинг Ваткун и шпанските петтоколонаши се мали деца во однос на она што овие потписници í сторија на Македонија и на македонскиот народ.  Идните генерации ќе се потсмеваат и ќе се чудат како некој може да го стори тоа. Незаборавете, децата, тоа се нашите утрешни судии. Тешко ќе се избришат трагите од оваа срамота, од нашата колективна меморија. Дојде мигот да се потврди дека сме народ на предавници и дека не е измислен тој комплекс во нашата национална душа, ами дека е нејзино битие.

Што сакаше да каже срамниот потписник Никола Димитров кога воскликна – ,,Македонската нација во моментов нема вистински избор,,?? (има, да те снема од македонската политичка сцена), и продолжи – ,, Било потребно голема храброст да се потпише Преспанскиот договор,,. А бре Никола (така Европјанинот í се обрати на проф. Силјановска), за тоа беше потребно само твоето мизерно велепредавство и патолошка омраза на сé што е македонско. Им раздадовте сé што не е нивно, туку наше македонско -вековно. Не знаете кога е време да запрете и кога е доста. Голема обврска им оставивте на нашите поколенија. Не случајно внукот на цар Самуил, Петар Делјан, па и Ѓорѓи Војтех кренаа востанија да го вратат тоа што некогаш било нивно.

Го слушам слоганот –  ,,Можеме уште повеќе,,. Не. Доста е. Соседите се презадоволни и од досега стореното. Гледам, слушам и просто не верувам кој сé не зборува за владеење на правото, за правна држава, за криминалот и одговорноста пред законите.

Средновековниот теолог Томас Аквински запишал уште пред осум векови дека ,,оние кои решиле да веруваат, не бараат докази, додека оние кои решиле да не веруваат, не прифаќаат докази,,.

Мизерници на векот. Сеете семе на неплоден терен. Вие од Македонците Хазари сакате да направите, од македонскиот народ да не остане никаква трага

Македонци, бидете на штрек. Запрете го процесот на самоуништување. Македонија е вера и храм. Не напуштајте го храмот и кога знаете дека е разурнат. Исправете ги неговите урнатини. Обновете го храмот и чувајте го.

ПРИМ. Д-Р БЛАГОЈА ДАМЕСКИ

Loading