ПЛОЧКА ЗА КОРУБИН

ПИСМО ДО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

pismo-2

Почитуван Градонаалник, не е вообичаен ваквиот начин на комуникација. Знам. Размислував подолго време. Не можев да најдам друго, поинакво обраќање. Како и да е, поводот ми е добронамерен. Во неделникот  Зенит, пишувам, обично за јазичните грешки и недоследности. За жал, ги има многу, премногу, а грижата за тоа е мала, премала.

Кога ќе се спомне нешто во врска со македонскиот литературен јазик, веднаш мислата води кон имињата – Блаже Конески и Круме Кепески. Тоа си е во ред. Тие луѓе го заслужуваат тоа. Но, има уште едно големо име кое може и треба да стои рамо до рамо со тие двајца. Во извесна смисла, дури и повисоко. Тоа е името на Благоја Корубин. Прилепчанец. Гордост на Прилеп, а заборавен како да не постоел. Неправда е тоа спрема човекот кој има придонесено за практичната употреба на македонскиот јазик, повеќе од сите. Навистина е преголем неговиот придонес. Благоја Корубин, 30 години го уредуваше познатото  Јазично катче во весникот Нова Македонија. Колку ли луѓе се јавуваа со најразлични прашања и со молби за решавање одредени јазични проблеми. Се јавуваа дури и лектори, специјалисти за јазикот и бараа помош за некои нејасни нешта што се појавуваа во нивната работа. Корубин одговараше на сите. Стручно и компетентно, бараше решение, предлагаше решение во духот на нашиот зборообразувачки систем, во духот на нашите јазични законитости. Предлагаше нови зборови, за чии решенија долго се луташе и се бараше соодветниот збор кој ни е потребен во тој момент. Колку време го користевме српскиот збор ,,запослен,, (запослување). Корубин го предложи терминот ,,вработен,, (вработување). Сега веќе никој и не помислува дека тоа е неологизам (нов збор). Зборот ,,клучка,, (онаа на патиштата) е, исто така, негов предмет. Долго се скиташе со барањето на соодветно решение. Ние немавме такви патишта (автопати), кога се појавија тие, се појави и потребата од таков збор кој ќе ја означува таа состојба кога патиштата се вкрстуваат се преплетуваат, и создаваат навидум, замрсена ситуација. Па, почна да се користи српскиот збор ,,петља,, па понекои велеа дури и ,,петелка,, ,,јазол,, и така натаму. Корубин го предложи зборот ,,клучка,,. Клучката е начин на врзување кој навидум е доста замрсен, но лесно се размрсува. Таква е и ситуацијата со клучките на патиштата. Сега тој збор е влезен како норма во нашата комуникација и сосема соодветствува со односната состојба на автопатите. Постојат и повеќе други зборови што се плод на креативноста на Благоја Корубин. Да спомнам и тоа дека се издадени четири книги со наслов – Јазикот наш денешен, каде, безмалку, е внесена содржината од текстовите во Јазичното катче. Требаше да излезе и петтата книга по неговата смрт. Не знам дали е излезена. Штета е ако не е.

Еве и еден друг, мошне значаен податок. Би рекол – историски. Во 1941 година, во Кралството Југославија, во месец март, владата Цветковиќ – Мачек, го потпиша Тројниот пакт. Премал сум бил за да го паметам тоа време, но познато е дека во Белград имало големи демонстрации. Демонстрации имало и во Скопје. Зборувал и Благоја Корубин и единствено тој зборувал на македонски јазик. Замислете, во тоа време !

Многу може да се зборува за Благоја Корубин и за неговата дејност. Просторов е краток. Сакав само да потсетам дека Прилеп имал човек со кого треба да се гордее. За жал, Прилеп не е свесен каков човек имал. Колку што ми е познато, во Прилеп не постои ни улица, ни училиште, ни некоја друга институција наречена со неговото име. Пред Центарот за култура ,,Марко Цепенков,, поставени се плочки со имињата на заслужни граѓани. Ќе си дозволам дрскост да речам дека тука се испишани и имиња на личности не баш сосема дефинирани. За жал, за голема жал, го нема името на Благоја Корубин.

Почитуван градоначалник, мислам дека не Ви одзедов многу време. Верувам дека ќе имате позитивен однос со кој ќе придонесете името на Благоја Корубин да биде рехабилитрано на достоинствен начин.

Со особена почит

Благоја Ивчески

Loading