МАЛКУ МЕДИУМИ, УШТЕ ПОМАЛКУ НОВИНАРИ

Скоро го одбележавме Меѓународниот ден на медиумите, а со тоа и на  новинарите во Прилеп. Пред неколку децении како новинари можевме и да се пофалиме и да не пофалат и да не стават меѓу квалитетните центри во Македонија. Со право. На почетоците ги имавме Радиостаницата Прилеп, неделниот весник Народен глас, прилогот Коприва и неколку фабрички весници во поголемите работни организации, но и многу квалитетни стотина новинари.

Денес имаме само едно печатено глсило, неделникот Зенит. Има и неколку приватни радиостаници. Дали тоа е доволно!? Секако дека не. Но, во одредени поранешни времиња кога на поединци политичари или стопанственици ќе им гореше под нозете, веднаш ќе ги побараа новинарите.

Добро е тоа што поминало и да не се врати повеќе, секој за својот грев да си плати.

Столбови на прилепското новинарство биле повеќемина. Во одреден период имало и над стотина новинари кои почнале како новинари, а својата кариера ја завршиле и како успешни писатели, а тоа биле раскажувачот Марко Цепенков, а нешто подоцна Коле Чашуле, Миле Попоски, Васил Магдески, Ѓоре Напески, Живко Козар, Евгенија Шуплинова, Јово Ношпал. Од помладите Тачко Локвенец, Миле Талески, Симон Беличанец, Никола Момироски, Вевки Хасан Озгун, Слободан Рошкоски, Кирил Ристески, Лазо Бунтески, Благоја Ристески – Платнаро, Лилјана Мургоска Секулиќ, Трајче Крстески, Донка Долгоска, Зоран Момироски, Милан Дурло, Љупчо Мургоски, Панта Џамбазоски, Елизабета Митреска,, Каролина Дурло, Марија Башеска, Каролина Мицевска, Светлана Ристеска, Дарко Штаргоски и многу други.

Новинарите биле и треба да бидат поддржани од било која власт во градот и во кое било време. Барале поголема слобода и поддршка без да  штитат пакосници, зашто ниедно зло не доаѓа за добро. Имало многу непријатности, политички превривања, негирање на квалитетот на поединци, но и пресметки. Доаѓале во Прилеп републички функционери да стават рака. Не успевале поради нивната определба да штитат свои миленици во нивните намери. Обоеноста била рак-рана, но далеку било и никогаш да не се повтори.

Денешново печатено гласило Зенит треба да биде и е наша гордост, но и опомена дека е единствено во градот, а тоа значи дека ќе останеме без новинари. Тоа може да се надмине доколку оваа професија се реафирмира како атрактивна, доколку се стипендираат млади на интердисциплинарните студии по новинарство и на приватните високи школи, и на крај, доколку се крене статусот на новинарите.

Да не чекаме да не згази времето!

Loading