КАМЕНИОТ РАЈ

Малта

Mileniumi minale niz La Valeta - ostrovot vo Mediteranot - Malta

– Потсетува на голема розен торта – многу кори, а меѓу нив фил, за постепено и лесно уживање, слој по слој

Крај изненадувачки чистото море, на островот Малта се доживуваат најмногу различни искуства, дури и да се посетат културно – историски споменици. Глетката е спектакуларна од авион. Од небото, како некој да фрлил неколку камчиња среде Медитеранот. Малиот архипелаг го сочинуваат три населени острови, Малта, Гозо и Комино. И два помали, ненаселени, кои, на прв поглед, изгледаа пусто. Нема планини, бујна вегетација, реки… ,,Ррајот” не се открива веднаш. Изненадувања демнат на секој чекор и чекаат постепена демистификација. Доминираат карактеристичните камени куќи со окер боја. Второ, на секој чекор историјата длабоко ги вмешала прстите. Траги има насекаде.

Гозо постара од Гиза

За археолошките мистерии се поставува прашањето: “Што е постаро, Гозо или Гиза?”. Гозо, секако. Комлексот храмови Ганти на Гозо е изграден меѓу 3600 и 3000 година п.н.е. Веројатно е најстара зачувана градба на светот, многу постара од пирамидите во Гиза! Мегалитите од кои е изграден изгледаат импресивно. Затоа стои прашањето, која цивилизација ги направила и на каков начин. Постојат уште неколку малтешки неолитски храмови, но овој е најстар и најголем.

Малта минала низ бурна историја. Се менувале разни цивилизации. Ја освојувале Феникијци, Картагинци, Римјани, Арапи, Нормани, Шпанци, витезите на Св.Јован, Французи и Англичани. Најголема слава донело владеењето на витезите од редот на свети Јован Ерусалимски, кои дошле во 1530 година, откако Турците ги протерале од Родос и Бодрум. Владееле до 1798 година, додека не ги поразил Наполеон. Поради повеќевековниот престој, останало името – малтешки. Прва престолнина била Мдина, основана уште од Феникијците околу 700 година п.н.е. Овој град, на височината во внатрешноста на островот, плени со својата необична атмосфера. Изгледа како да не е населен. Необична тишина. Ретко се среќава некој по улиците. Нема дури ниту продавници, пазари и кафулиња. Само два незабележителни ресторани, каде отсекогаш престојувале само малтешките семејства.

Ла Валета во бедем

Денешниот главен град, Ла Валета, го основал Жан де Валета во 1566 година. Финансиите за изградба ги обезбедиле многу европски владетели, во знак на благодарност и воодушевување за победата над многу надмоќните турски напаѓачи, една година порано. Ла Валета е убав град, изграден во барокен стил, заграден со висока крепост. Улиците се сечат под прав агол, и освен главната, “Улица на републиката”. Останатите се тесни, честопати стрмни и со скали. Куќите ги карактеризираат интересни дрвени тремови (галериас), градени под влијание на шпанско – андалузискиот стил. Уживање е да се шета по овој музеј на отворено и да се ,,впиваат,, знаменитостите како што се катедралата Св. Јован, каде што може да се видат дури и слики од славниот Караваџо, археолошкиот музеј, или Палатата на големиот господар, во која денес се наоѓаат претседателскиот кабинет и зградата на Парламентот. Најубавите градби се пред националната библиотека.

За одмор од шетањето, има многу ресторани и кафетерии. За освежување се препорачува локалниот безалкохолен пијалак кини, кој потсетува на кокта. Одлични се и локалните вина и пива. Не се со полош квалитет од било кој светски бренд. Каде што има пиење, тука има и храна. Интересно е да се проба локалната кујна. Вкусен е лебот хобз, однадвор добро испечен, а внатре мек. Најдобро оди со маслиново масло и домат. Неизбежни се “пасици”, печиво од лиснато тесто, полнето со сирење. Го има на секој чекор, како и тимпаната, пита од макарони. Има голем избор на интернационални јадења. Треба да се пробаат локалните специјалитети од риба, како лампуга или зајак. Па кој што сака…

Малтежаните се интересен народ. Имаат многу различни гени, најмногу арапски и италијански. Јазикот е необичен. Потсетува на арапски, но има зборови и својства на јазикот од југот на Италија и англискиот. Интересни се за слушање. Не се разбира ниту еден збор. Но, нема место за страв. Сите зборуваат англиски, многумина и италијански. Иако не е голем по површина, главниот остров нуди многу прошетки. Сообраќајот е добро организиран. Посебна атракција се жолтопортокаловите автобуси, олдтајмери, со кои може да се обиколи островот. Добро е и да се изнајми автомобил, во сопствена режија, да се крстосува по патиштата и да се влезе во секое катче. Потребна е вниметелност, оти се вози по левата страна. Но, и тоа е авантура.

Слима е урбан, трговски и туристички центар каде живее најмногу локалното население. Интересно е шеталиштето покрај морето, преполно со продавници и ресторани. Оттука има бротчињата за Валета и Гозо. Во внатрешноста, интересни се и Рабат и Моста. Се препорачува да се видат црквите Ротунда, со единствената купола, која е светски раритет. Марсашлок е питорескно и живо рибарско село со сино-жолти рибарски чамци со нацртани очи на носот. Тие би требале да го штитат бротчето од злобните морски сили. За класичен туризам, убаво е местото Бугиба.    

Камен и лагуна

Плажите на Малта се карпести или бетонски. Се најдуваат и песочни. Задолжителнае посетата на островот Гозо, оддалечен 5 км. од Малта. Само не во викенд, зашто тогаш Малтежаните масовно доаѓаат и има голем метеж. Таму се чувствува поинаков животот, помирен и побавен. Според легендата, овде нимфата Калипсо го намамила Одисеј, по враќањето од Троја. Во заливот Рамла  се наоѓа пештерата каде го држела заробен седум години. За уживање е преубавата плажа со црвеникав песок. Островчето Комино е мал рај, место за бегство од градската врева, идеално за релаксирање. Вистинска еко оаза со чисто море. Восхитува Сината лагуна со тиркизна боја на водата. Колку и да се ужива во морските волшебства, ноќта носи нови доживувања. Ноќниот живот е богат и блескав, пулсира во различни ритми. Центар на ноќната забава е заливот Сент Џулијанс. Во бројните клубови и дискотеки цела ноќ е живо и бучно. Само “фан, фан фан…”. Нема спиење во некој хотел во близина.

Накусо, сликата за Малта потсетува на некоја голема розен торта – многу кори, а меѓу нив фил, за постепено и лесно уживање, слој по слој… Секој турист се замислува како стрип јунакот од островот, Корто алтезе. Останува морските струи и ветрови повторно да го однесата секој на возбудливите “сончеви камења”.

Loading