БЕЛ РАЈ

Банско

Bansko 05

Некогаш романтичното етно село на југозапад во Бугарија, изградено во стар балкански стил, Банско прерасна во грандиозен ски центар со неколку стотици хотели, мотели, апартмани, продавници… Над 200 меани кои таму ги викаат механи, ресторани, кафетерии, главно во стари камени куќи стари и по 200 години и модерни ноќни клубови привлекуваат гости од цела Европа, желни за скијање и врвна забава.

Bansko 09

Со 10 илјади жители, Банско е гратче под планината Пирин на 990 м. надморска височина. Со поставувањето на гондолата за превоз на скијачите до снежните патеки, малото село се разви со неверојатна брзина. Денес е најмодерен ски центар на Балканот.

Посетителите не доаѓаат само за зимски спортови, туку и поради  пропратните содржини. Речиси сите хотели располагаат со спа центри и затворени базени со топла вода за капење.. Главната улица е обиколена со стотици ресторани, продавници, кафетерии. Кујната е богата со домашни специјалитети сервирани во керамички садови и штици. Наместо есцајг, храната се конзумира со дрвена вилушка или лажица низ звуците на етно музиката. Атрактивна е црквата Света Тројца од 1833 г. со висока кула со камбанарија од 30 м. Куќата на монахот Неофит Рилски, авторот на првата бугарска граматика е историски споменик на културата. Во целиот стар дел се обновени старите куќи од над еден век во автентична архитектура во кои доминира каменот.

Банско е центарот на задоволствата. Малку скијање, малку пливање, сауна, парна бања… Иделна комбинација за уживање.

Bansko 10

Скијалиштето располага со патеки од 70 км. поврзани со соодветна инфрастуктура, дури и топови за снег во периодите кога недостасува белиот покривач. Превозот до нив е со гондолата. Трае 30 минути. Можно е до патеките да се стигне и со мали автобуси сопственост на хотелите, а кои организираат транспорт на гостите до посакуваната патека. Патеките ги има за сите категории. Секогаш е метеж кај гондолата. Се чека и по еден час. Патеките се над 1600 до 2600 м. височина. Одлично се подготвени, широки. Ретко има метеж. Најпозната е Томба, според славниот италијански скијач Алберто Томба, таму се одржуваат и трките за Светскиот куп. Има и патека од 12 км за скијачко трчање, за сноубордери и фристјулери. Постои и фан парк. По должината на патеките изградени се неколку бар-ресторани за загревање, закрепнување и одмор .Од  врвот низ патеки од 12 км. се слегува со ски до градот. Постои и лизгалиште, патеки за санкање, параглајдинг, а може и да се шета и ужива во прекрасната природа.

Bansko 24

Инаку, градот е мал трговски центар. Покрај баровите, дискотеките со модерна музика за млади, за мераклиите на шопингот на располагање се  десетици бутици со модерна не само ски облека, туку гардероба за мажи и жени, според последниот здив на модата во продукција на познати светски брендови. Десетици сувенирници располагаат со домашни ракотворби, накит… Накусо, сé.

Банско може да биде добар избор за квалитетно зимување.

Bansko 29

Bansko 30

Bansko 31

Loading