ЗИМСКИ СОН НА МАКЕДОНСКИТЕ СКИ ЦЕНТРИ

popova-shapka-macedonia 09

Нова сезона – стари проблеми. Модернизацијата на ски-центрите во Македонија тапка во место. Експертите сугерираат нов стратешки пристап. Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Кожуф, Крушево… Македонија има повеќе планински убавици распослани со повеќе ски-центри. Дома се познати, но малкумина ги познаваат надвор. Нема ниту сериозни обиди за враќање на некогашниот сјај. Сите располагаат со по еден или повеќе хотели, ски-патеки, жичарници, лифтови, по некое ,,бачило,, за чај, кафе или топло вино. Сепак далеку се од епитетот привлечни за љубителите на ,,белите спортови,,, барем во споредба со  понудата на конкуренцијата од соседството. Ривалите, како што стојат работите, и годинава ќе бидат поатрактивни во споредба со домашните снежни убавини. Нема конкретни инвестиции, значителни новини за понуда… Затоа стојат аргументите на  загрижените.

Потребен е нов стратешки пристап за зимскиот туризам. Ски-центрите се посебна приказна, без современа инфраструктура. Никој не размислува за јавно – приватно партнерство, некој вид на концесионирање за да тргнат проектите и да се обезбеди минимум конкурентност.

Концептот на јавно приватно партнерство би било новина за ски-центрите во земјата кои во дел се во државна сопственост, а  на дел оперираат приватни сопственици. Проблемот лежи во отсуството на конкретна државна поддршка, првин во пропратната инфраструктура. Има извори на пари, но прашање е како да се искористат.

popova sapka

На пример, Тетово го загуби проектот на Светската банка за инфраструктура за 2,7 километри пат. Пораз. Општината не успеа да ги добие средствата, бидејќи конкурираше со некомплетиран проект. И Светската банка ги одби. Трагедијата е што пред да се аплицира, беа потребни измени во планот на терен и се изведоа некои градежни активности на Попова Шапка,. Но, сé остана така, руинирано и не се знае кој да средува. Нема ништо ново на некогашниот скијачки бисер. Нема ништо од новиот шестосед, ниту пак од долго најавуваниот мастер план кој требаше да значи препород. Само ски-билетите сезонава првпат ќе се читаат електронски. Малку е дотеран двоседот кој не беше оперативен неколку години.

Или од мастер планот за Попова Шапка од претходната Влада не е заокружена ниту првата фаза. А нужни се првин машините за вештачки снег, но и да се почитува законот за скијалиштата, во делот на функционалноста на ски-центрите.

Шапка не е изолирана. Слично е и со другите ски-центри, оставени безмалку на немилост. Кожуф одамна пропаѓа поради нефункционалниот пристапен пат, на Пелистер нема инвестиции, во Крушево има приватна иницијатива, но дури од наредната сезона. Единствено Маврово, колку-толку, фаќа чекор со конкуренцијата. Таму конечно стана оперативен системот за вештачки снег. Има волја но не доволно. Едно цвеќе пролет не прави. Државата треба позасилено да се ангажира, малку по малку, па, како Банско, да дојдат работите на свое место. Вака, многу е жално. Потребен е голем буџет, иницијатива, поддршка, субвенции, финансии од Фондот за иновации и технолошки развој, евтини кредити, комуникација…

ps

Приватен инвеститор може да биде спас за да се прочита некоја ,,успешна приказна,,. Пример, реконструкција на Шапка преку концесија на стопанственик со искуство во раководење на ски-центар.

Додека државата разработува стратегии и проекти, соседите го собираат профитот. Многу се талка, се прави вински, зимски, летен туризам. Потребен е развој во зависност од условите, просторни, економски и социјални. Потребна е потемелна стратегија, како во Бугарија и Србија, каде ќе заминат зимава најголем дел од македонските туристи.

Loading