ЧИСТОТА, РЕД, ДИСЦИПЛИНА

Белорусија

Biblioteka-u-Minsku-1024x680

 

Енигма за многумина е Белорусија. Не е земја за која се прават пакет аранжмани. Ниту земја чии пејзажи се ставаат на календари. Не е туристички атрактивна. Или така изгледа? За тоа придонела државната политика. Уште е релативно затворена земја. Влезот со виза ја отежнува промоцијата како туристичка дестинација.

Луѓето малку знаат за оваа земја. За Белорусија или Минск, луѓето прашуваат на Гугл: Каде во Русија е Минск? Дали Минск е сигурен град? Дали Белорусија е слободна земја? Дали уште владее диктатура?

Секоја земја има своја посебност на понуда. Така, примамлива е мистериозната и непозната Белорусија. Некои ја посетуваат попатно, на рутата за Русија. Населението се чуди на посетата на странците. Мислат дека студираат, доаѓаат за бизнис, но ни на ум не им паѓа за туризам.

Лете во Минск температурата е околу 17 степени. Често е облачно. И тмурно. Врне и дува ветер. Небаре октомври. Временските прилики го расипуваат впечатокот. Повремено сонцето чести по некој зрак да се види вистинското лице на Минск. Ја чисти физиономијата на градот. Многумина не знаат дека Минск е еден од најчистите градова на светот. На шега велат дека не е чудно кога нема луѓе, иако е живеалиште на 2 милиони жители. Во работен ден, се среќаваат малку луѓе И автомобили на широките улици со по 4 ленти. Се е големо. Плоштадите се украсени со комунистички симболи, оти овој систем овде уште не е мртов. И не се знае кога ќе умре. На плоштадот на независноста доминира енормна статуа на Ленин, а на булеварот на победата е високиот обелиск со петокрака на врвот. Социјализмот и неговата затворска архитектура го оставиле Минск со огромни сиви стамбени згради со прозорци во големина на бункерските.

SAM 7655-1024x768

Покрај сето ова, Минск е убав град, потполно реновиран и реставриран по уништувањата во многу војни. Затоа го викаат град – херој. Во новиот дел е интересната архитектура на Националната библиотека. Влезот во импресивното здание изгледа како отворена книга на чии листови е библискиот цитат на 19 светски јазици – ,,Да биде совршен Божјиот човек,,. На плоштадот пред библиотеката е бронзената фигура на првиот белоруски печатар Франциск Скорине.

Владее чувство на сигурност. Полицијата е на секој агол. Нема просјаци, пијаници и други луѓе со сомнителен изглед. Само светли словенски лица со ретки насмевки. Населението не е задоволно од председателот Лукашенко, кој ,,победува,, на избори со 80 отсто. Младиите повеќе се вртат кон православната црква, отколку да го негуваат комунизмот. Сепак, црквата доминира над градот. На еден рид е централниот саборен храм Св. Дух. На пладне храмот е полн. Се чувствува свечена атмосфера. Стариот католички манастир бил подарен на православната црква за урнатиот православен храм. Оттаму се нуди поглед на херојскиот град.

ulice-Minska-1024x768

Валута е белоруската рубља. Мечтата да се стане милионер лесно се остварува. Потребни се помалку од 50 евра. Неодамна ифрлени се неколку нули, па и со помалку од 500 евра се станува милионер. Сепак потребно е поголемо кесе за толку хартија.

Во Минск е забрането фотографирање на метрото, железничката станица, аеродромот, државните институции, излозите на продавниците… Ретките млади туристи бараат ноќен живот. Не е лесно. Заклучок е дека граѓаните ноќе спијат. Метрото е празно. Може да се сретне некоја тајна проститутка, маскирана во облека на работничка на бувљак, со мини тексас здолниште и маица. В визба се открива еден клуб со четворица посетители. Можеби затоа што е работен ден. Интересна е декорацијата со елечиња за женски гради над шанкот. По ,,бурната,, забава, градот изгледа напуштен, во гробна тишина. Небаре село со пет куќи во глуво доба, а не двамилионски град.

Сепак, Минск мора да се посети оти е единствен на единствената Белорусија, држава која е свет за себе на сред Европа. Како и да е, долго се памети.

Loading