КАЈ ШТО ТОНЕ, ТИ ИЗВИРАШ

pismo-2

Да се биде Македонец во Република Македонија, станува опасно, како да си Евреин во нацистичка Германија. Геноцидот на Евреите е полесен од уништувањето на идентитетот. Човек кој нема чувство за својата историја е како човек кој нема уши и очи. Никогаш нема да погодите кој го рекол  тоа (Адолф Хитлер). Народ кој носи на власт сомнителни личности, тој не е жртва, туку соучесник. Нема голема личност која постигнала успех со измами и трикови. Чувството на сопствено и државно достоинство кај нас е малку развиено во споредба со западниот човек. Не знам зошто Пушкин мисли обратно. Ја обвинува мојата генерација која не ме научи да пцујам. Вистинско време е да се паламуди и мрчи. Овие зборови никогаш во животот не сум ги употребил, мислејќи дека се безобразни. А тие според некои новинарски толкувања да ти биле народни. Не, никогаш, мојот народ не би паднал толку ниско. Можеби тоа се зборови од новиот литературен, северномакедонски, речник.

Не можевме повеќе да се понижиме од тоа што се пониживме. Цел свет се чуди. Кај нас бонтонот не важи ниту во автобус, а камо ли во парламентот. Поединци влегуваат во политиката како што бекрија влегува со валкани чизми во крчма. Човек станува загрижен кога ќе сфати дека од такви зависи како ќе живееме утре. Успешните луѓе не бараат оправдување, туку носат резултати. Кога повеќе умови размислуваат се добива доминантен ум. И Исус Христос ја користи моќта, наречена хемија на умот со 12 апостоли. Тој доминантен ум се распаднал со Јуда Искариотски.

Во титовото време, во затворот во Пожаревац на еден ѕид  затворениците напишале – ,, Ние сме Тито, Тито е наш,,. Злобни затвореници! Тито нивни, односно за кај нив. Денес, нашите затвореници даваат дури и наредби кои, за жал, ги анализира дури и власта и судството.

Недоволно образован, но доволно итар да сфати дека пообразованите од него се толку плитки, да го направат милионер, но и тој нив. Но, доброобразованите луѓе со негуван дух, не би го ниту погледнале, а не да одат кај него на вечеринки и да бидат негови пријатели.

Не осудувам ниту еден морал, туку само констатирам. Ѓаволот секогаш доаѓа по своето. Лажете, маткајте, крадете, но оставете ја Македонија на мир. Барем неа не ја валкајте. Македонија сака луѓе со чисти раце. А вие со чистите раце борете се за она што е праведно и правилно, а не слепо верување во ништо. Политиката не е ништо, а е сé. Знаете ли што í недостасува на ова земја? Господство.

П.С. Денес со задоволство ја слушав новата верзија за песната за Македонија – кај што тоне, ти извираш.

Прим. Д-р. Б Дамески

Loading