НЕВЕСТАТА НА ЕПИР СО ИТАЛИЈАНСКИ ШАРМ

ПАРГА

IMG 0177-1024x683

 

Волшебната Парга е реченицата што ја изговараат туристите при првата средба со овој грчки, јонски град. Градот се вгнездил меѓу планината Епир и Јонското Море, во залив преполн со островчиња кои извираат од водата. Парга е единствена. Симболизира хармонија на зелениот планински венец и синилото на Медитеранот. Затоа ја викаат ,,Невеста на Епир,,. Благодарение на убавината, посебноста и архитектурата, прогласена е за најинтересна туристичка дестинација во Европа.

Воодушевува погледот на градот од малото пристаниште во центарот. Парга како да е градена на падини на природен амфитеатар. Небаре, извор што бега кон морето. Куќите на брегот се обоени во црвена, жолта и бела боја. На градот му даваат впечаток дека се капи во сонце. Бајковит изглед. Нема високи, модерни градби. Насекаде цвеќе и зеленило. Над градот како уште да бдее Венецијанска тврдина. Од панорамникот се креираат најубавите фотографии.

IMG 0185-1024x683

Цела Парга претставува рекреативно подрачје за пронајдување на одмор, мир, плажи, пливање, планинарење, нуркање и многу, многу прошетки. Боите на Јонското Море се прелеваат од зелена до тиркизно сина. Дека водата е бистра сведочат јата риби кои прават друштво при пливањето. Концентрацијата на сол е голема, погодна за синуси. Сезоната почнува во април. Градот е преполн со туристи и во средината на септември. Врие како во кошница и во почетокот на октомври, а во таверните се игра Сиртаки со узо, грчка салата и други специјалитети. Мноштво светски јазици се слушаат  низ сокачињата со понуда на сувенири, ракотворби и слики на локалните уметници кои своите дела ги обесиле на стеблата од дрвјата, потсетувајќи на италијанската ривијери. За разлика од повеќето грчки летувалишта, имињата на улиците се напишани и на англиски. За типичниот грчки шмект се грижат келнерите кои во таверните го играат националниот танц со гостите.

IMG 0207-1024x683

На пристаништето доминира огромно сидро од каде се разгранува лавиринт со тесни улички, платоа и скали. Секогаш се открива нешто ново. Градот е комбинација на венецијанска и традиционална грчка архитектура. Обележје е старата Венецијанска тврдина од која се нуди восхитувачки поглед на градот. Добродојде посакува крилатиот лав Агиос Маркос на влезот. Постојат разни одаи, бастиони, тајни премини до морето, касарна, складиште, остатоци од куќи, урната црквичка со мноштво икони. До таму водат 64 ,,магарешки,, скали, останати од времето кога храната се носела со магариња. За жал, тврдината не е обновена, туку е наразена од забот на времето, иако меѓу ѕидините некогаш имало 400 куќи, а околу имало 8 одбранбени кули. Сепак Али-Паша ја засилил и го поставил тука својот харем со амам. Сепак, панорамата е велелепна.

IMG 0821-1024x683

Парга има 26 цркви. Свети Никола е главната градска црква. До неа е градскиот Пазар. Светецот е заштитиник на градот. Останатите храмови се скриени. На прв поглед изгледаат како селски куќи. Веројатно нападите на пиратите и Турците влијаеле жителите да ги градат во ваков стил. Свеќи се палат и по желба се остава прилог.

На малиот остров Панагиа, Света Богородица, во близина на пристаништето и градската плажа, има две цркви и остатоци од француски бедеми. Може да се исплива или да се стигни со педалинка. Морето е  плитко. Може и да се пропешачи низ водата. На островчето се ужива во мирисот на зимзелените дрвја, зачинети со аромата на свеќите и темјанот. За островот е поврзана легендата кога  на 6 август иконата на Света Богородица слегувала од ридот и останувала долу до 15 августа, до празникот Голема Богородица, кога се враќала на највисокиот дел.

IMG 1051-1024x683

Крионери е градска плажа претежно  со камчиња. Такво е и тлото на брегот. Водата не е ладна. Плажата е под шеталиштето. Недалеку е и Писо Крионери, помалата плажа, скриена во мал залив. Помирна е и интимна, заштитена со рид. Има бич бар со лежалки и сонцебрани. Во подножјето на тврдината се простира песочната широка плажа Валтос. Велат дека е најубава. Морето е проѕирно со кристално чиста сина вода. Лихнос плажата е на 4 км. јужно од Парга. Најголемиот дел е песочна. Во близина е пештерата на Афродита која се посетува со бротче или педалинка. Според легендата, Афродита је користила како своја бања.

IMG 8515-ps-1024x673

Историјата ја открива Парга првпат во 14 век п.н.е. за време на владеењето на Микенците. Потоа доаѓаат Римјаните, па Византијците, а во 15 век ја преземаат Венецијанците. Во 18 век се менувала власта меѓу Млетачката држава, Англичаните, Французите и Русите. Интересно е што Турците никогаш не ја освоиле Парга, туку Али-паша од Јанина ја купил од Англичаните во 1817. година. Во знак на протест, населението побегнало на островот Крф, кој никогаш не паднал во турски раце. После Балканските војни Парга е ослободена од Турците и е поставена грчката власт. За владеењето на Османлиите сведочат остатоците на Али-пашината тврдина на ридот над селото Антоуса.

Loading