РАЗВОЈОТ НА ИНДУСТРИЈАТА ВО ПРИЛЕП И ПРИЛЕПСКО МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ

feljton

Мино Зефнаровиќ има мелница инсталирана на непознат датум за министерството. По наредба на министерот за индустрија и трговија, началникот Савиќ се обраќа до Великиот жупан во Битола, во која бара да се сопре бесправната работа на мелницата на Мино, да му се нареди да бара одобрение за работа со план и ситуација на мелницата, и со план за диспозиција на машините, а Областа да утврди кога е инсталирана мелницата и од кога работи.

Тодор Мргевиќ има моторна мелница Саугас со сила од 16 кс. Има два чифта камења. Мелат главно ,,селско,, брашно. Сместена е во зграда од 1926 г., не многу погодна за мелница. За уем наплатува 20 динари за 100 кг. сомелено жито, а за крма по 0,10 кгр од 1 кгр. Во дворот има бунар за вода за снабдување на моторот. Мргевиќ работел без дозвола, па по мошне строгата опомена на 1.7.1937 г. го моли министерството да работи уште 6 месеци без дозвола, да заработи пари да ги плати трошоците за одобрение, поради големата економска криза. Во опомената му ги бараат сите документи и му одобруваат да работи до мај 1938 г.

Браќата Јован и Данило Бомболовиќ и Александар Крцутовиќ бараат да инсталираат машина за мелница во зграда, градена во 1906 г. Мелницата има два чифта камења за мелење брашно, два триера, елеватор за прашина, мотор на нафта со сила од 32 кс. Вода за ладење се доведува со пумпа од железен резервоар, сместен во дворот. Капацитетот на мелницата е 1800 кг. брашно за десет часа со 4 работници. Откако комисијата му поставува одредени услови да ги обезбеди луѓето, (ХТЗ) да ја обезбеди мелницата од пожар и да се вароса од надвор и внатре, на 30.4.1928 г. министерството за трговија и индустрија му дава одобрение.

Јордан Цаковиќ – брашнар – подигнал воденица во околината на градот. Таа била на моторен погон, но Јордан работел без дозвола. По пријава од полицијата, го казнуваат 1500 динари, плус судски такси од 150 динари. Се жали до Кралевската банкова управа во Скопје, потоа, откако е одбиен, се жали до Државниот совет во Белград, како неправилно казнет, зошто и други работеле како него, а тој го користел моторот само кога немало вода. Жалбата му е одбиена на 17.9.1931 г., а потоа следува редовно барање за одобрение, кое го добил.

Лазар Мрмевиќ барал на 27.2.1931 г. одобрение да изгради моторна мелница. Решение за работа добива на 12.3.1931 г. Пред тоа работи без дозвола, за што е казнет со 1500 динари и судски такси од 150 динари, што за тоа време било строга казна.

Петар Димевиќ барал одобрение да подигне моторна мелница под име ,,Златна лира,, со мотор од 35 кс. и капацитет од 1000 – 2000 кг. брашно за 24 часа. Ги поднел сите можни документи. Молбата за одобрение му е упатена во јули 1934 г., и по неколку ургирања и молења се одобри работа и одобрение добива дури на 27.11.1939 г. или многу доцна како и другите баратели.

Врз основа на марките на моторите во мелниците и за оние мелници за кои нема технички податоци, сите 14 мелници има инсталирано вкупно мотори со сила од 448 кс. Кон тие се додадени 103 кс., и се доаѓа до вкупна сила на индустриските мотори 551 кс., без електроцентрали.

Во споредба со другите градови во Македонија во 1940 г., Прилеп стои подобро од Куманово, Штип, Битола и Кочани во вкупниот број на инсталирани коњски сили или веднаш по Скопје. Тоа сепак е лажна слика за степенот на индустријализација на Прилеп, зашто податоците не биле комплетни. За ова се потврда податоците на бројот на вработените на други места, надвор од Монополот. Според овој податок, Прилеп го зазема предпоследното место, веднаш по Штип. Од ваквата локација на вработените се гледа дедека 7210 работеле во Монополот, а само 3918 во други организации. Тоа уште еднаш го потврдува фактот за полуколонијалната положба на Македонија и за нејзината неразвиеност. Треба да се изземе манипулацијата на тутунот од индустриската дејност, зашто нема индустрија, нема поделба на трудот, инсталации и уреди или тоа е некаква манифактура. Ако таа дејност се изземе, тогаш Македонија, со другите покраини во Кралството СХС, го зазема претпоследното место пред Црна Гора. Податоците се однесуваат за 1938 г. Ако ја исклучиме Црна Гора, која по број на жители и територија е мошне мала и со Македонија е неправилно да се споредува, Македонија во структурата на вложениот капитал во Југославија учествува само со 1,99 отсто, во структурата на работните места со 1,24 проценти, а во структурата на погонската моќност на инсталираните машини само со 1,55 проценти. Речиси е неспоредлива со другите покраини во Кралството на СХС. Според тоа, и Прилеп и другите градови во Македонија мора да имаат такво место, како што Македонија има во Стара Југославија, мошне слаба и речиси никаква индустрија. Велиме никаква, зошто ако се изземе пиварницата која е некаков индустриски капацитет, мелниците не се индустриски капацитети. Тоа се воденици на погон на мотор, наместо со вода. Такви морало да се прават, зошто Пелагонија имала обилно жито, а во прилепскиот дел на Пелагонија нема доволно вода за воденици.         

продолжува

Loading