ИЛЈАДА УЖИВАЊА ВО ЦЕНТАРОТ НА ЦРНОГОРСКАТА РИВИЕРА

Будва – метропола на туризмот

– Изобилство на песочни плажи

– Стариот град е атракција

Balerinata vo Budva - edna od najgolemite atrakcii pred   stariot grad

Најатрактивното место на јадранскиот брег е Будва, центарот на медитеранскиот туризам. Чистото море, убавите плажи, ноќниот живот се некои од адутите на дел од црногорската ривиера. Затоа Будва е бисер на Јадранот. Привлекуваат долгите песочни лажи од 11 км, огромното културно наследство и прекрасната архитектура. Брегот ги нуди 35-те најпознати плажи на Јадранот – Јаз, Плоче, Трстено, Могрен, Словенска плажа, Бечиќи, Милочер, Св. Стефан. Во комбинација со бурниот ноќен живот се мамка за туристите. Преубавиот стар град, обиколен со ѕидини, храбро зачекорил во морето. Со камен поплочените тесни улици се слеваат во малечките градски плоштади. Архитектурата привлекува. Отворен театар се создава во вечерните часови. Будва како да е крстопат на влијанијата на истокот и на западот, на хеленската и на римската култура, разнобоен град.

Опишувана како тивко место, Будва е стара околу 2.500 години. Веројатно е најстаро места на Јадранот. Покрај археолошките докази, бројни се пишаните сведоштва од 5 век п.н.е. Една легенда кажува дека била создадена од Феникиецот Кадм и неговата жена Хармонија кои нашле засолниште.

Туристичката содржина е збогатена со традиционални културни, забавни и модни манифестации. Во непосредна близина се наоѓаат и луксузните будвански хотели.

Стариот град е со прави улици и стари градби од камен, покрај кои има мали цркви, плоштади и куќи. Уличките и плоштадите на стариот град ја паметат по човечките стапалки повеќе од два милениуми. Камените релјефи во договор со легендите ги чуваат приказните за древните романси за љубовта посилна од животот. Низ камените ѕидини се кријат многу кафулиња, ресторани и продавници. На малиот камен полуостров се вкрстиле многу култури и секоја оставила свој запис.

Денес тоа е град театар, туристички центар, фестивалски град, монденско летувалиште и престижна точка на туристичката карта на Европа. Воздигнувањето на големите медитерански култури го обележале духот на овој град, кој се чувствува до денес кога Будва е израсната во единствен туристички бисер на овој дел од Јадранот, познат уште од 1923 година.

Ostrovot Sv. Stefan - edno od najluksuznite eltuvalista na   Jadranot

Голема вредност на Будва е и нејзиното културно и историско наследство со бројните споменици, ископини, тврдини, манастири, цркви. Црквата Св. Тројство е најголем фаворит, богат со обоени камења и атрактивни артефакти. Св. Јован е најголемата црква во градот која датира од 1828 година. Манастирот Подмаине се наоѓа на околу 2 км. Има мал храм на Пресвета Богородица од 15 век и црква Св. Петка од 1747 година. Внатрешноста на црквата е украсена со фрески насликани од Рафаил Димитриевиќ. Ентериерот го краси вреден иконостас окован со сребро. Манастирот е центар на црковни и културни случувања, а во минатото бил збирно место на племето Маине.

Она што ги носи луѓето е дарот на природата, неповторлива убавина на сонцето, морето и низа од бисерни плажи во подножјето на големите планини. Остатокот од градот е модерен. Туристите се воодушевуваат и од традиционалната кујна. Се гостат со познатата његошка пршута со маслинки и сирење, рибен гулаш, школки во сос од патлиџани…, Треба да пробаат и локалните вина, оти се со екстремно добар квалитет приготвени од најубавото грозје.

Крајбрежјето изобилува со песочни плажи кои се вбројуваат во најквалитетно опремени за секаков вид на уживање. Отскокнува плажата Могрен, чија песок светка како дијамант. Всушност, се две поделени плажи, поврзани со мал тунел како пештера меѓу неколку големи карпи. Чистото море и сликовитата околина со право го носи епитетот скапоцен камен на црногорскиот брег. Плажата го  добила името по шпанскиот морепловец Могрини кој тука се спасил после бродоломот и изградил црква посветена на заштитникот Св. Антун.

Една од најубавите плажи на Јадранот, а и најконтроверзна, оти скоро една деценија е затворена за јавноста, е Кралициската плажа. Таа е привилегија за луѓето од џет-сетот. Долга 120 метри, скриена е во шума од бор и маслинови дрва. Затоа ја викаат и недопирлива. Името го добила по името на Марија Караџорѓевиќ, југословенска кралица, која сакала да одмара на оваа плажа. Бечиќи е долга плажа на јужниот дел.

Stariot grad so tesni ulicki hrabro zacekoril vo   moreto

Со чамец, глисер или јахта се кај пристаништето во Бар каде дочекува глетка што остава без здив. Барската краличина плажа, покрај Чањ, е една од најатрактивните достапна само преку вода. Долга е стотина метри и е покриена со најфин песок. Таа била избор на кралицата Милена, жената на црногорскиот крал Никола, кога доаѓала во Бар. Меѓу најпопуларните е и Словенската плажа за семејни луѓе со деца. На пет минути од Будва е полуостровот Свети Стефан. Освојува од прва. Еден е од најлуксузните летувалишта на Јадранот. Во минатото бил мало рибарско градче кое доживеало неверојатна трансформација во осумдесеттите години и стана најпознат туристички центар за сите љубители на луксузот. Црвените покриви, камените фасади и бронзената земја ќе го покажуваат шармот на островот, кој го посетиле многу познати личности меѓу кои и Мерлин Монро и Софија Лорен. Плажата е направена од безброј мали камчиња во разни бои, а нивото на водата подлабока.

Loading