РАЗВОЈОТ НА ИНДУСТРИЈАТА ВО ПРИЛЕП И ПРИЛЕПСКО МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ

Pivarnica 1924 g

Занаетчиството и трговијата во Прилеп и прилепско меѓу двете Светски војни се релативно развиени, но нивната материјална моќ била таква што мошне малку од луѓето кои се занимавале со нив можеле да израснат во индустријалци. Во Прилеп, во индустријалци, покрај занаетчиите и трговците, можеле да прераснат и некои сопственици на чивлици кои имале извесни претпоставки и тоа релативно поголем капитал, акумулиран од занаетот или од трговската размена и микро и макро економски услови за локација, изградба и успешно работење на индустрискиот капацитет.

Индустријата била слабо развиена. Била застапена главно прехранбената преку пиварницата, мелничката индустрија и преработката на тутунот во монополот. Зошто токму тие?

Прилепското занаетчиство, а и трговијата биле релативно сиромашни и не располагале со потребен капитал за инвестирање во индустриски капацитети. Изградените индустриски капацитети биле од прехранбената индустрија, мелници и пиварница, кои не бараат голема техничка опременост, барем за тој период и според тоа и голем капитал за вложување, а постоела побарувачка на нивните производи. Прилепскиот дел од Пелагонија е релативно сиромашен со вода. Постојните воденици не се доволни за мелење на житата. Побарувачка има, па водата е заменета со погон на мотор на пареа создавана од јаглен или нафта. Иако не целото произведено количество на тутун во прилепско, еден поголем дел е преработуван во монополот.

 Индустријата е слабо развиена поради слабо развиената индустрија во целото Кралство на СХС и уште повеќе поради незаинтересираноста на државата. Македонија, како дел од Србија, Јужна, политички, според тоа и економски, е запоставена и е третирана како полуколонија од која треба да се црпат суровини и друго, а преработувањето да се врши во северните делови од Кралството. Одобренијата и согласностите кои ги давала војската за изградбата на мелници кои од документацијата, може да се почувствува и еден друг фактор. Тоа е стратегијата на Кралството за евентуална одбрана на земјата. Затоа немало интерес за вложување во индустриски објекти во Македонија на инвеститори од други краишта во Кралството.

Најстариот индустриски капацитет во Прилеп е Пиварницата. Изградена е во 1924 година од браќата Милан, Спиро и Ѓорѓи Грдановци, отакако потфтлиле како трговци со чевли. Во градбата учествувал и Домле Иваноски. Четворицата вложиле капитал од милион денари. Бидејќи тој износ не бил доволен, ги собираат околу себе ортаците Тодор Вандески, Илија и Крсте Арсоски, Перо Ковилоски, Димитар и Рампо Крстески, Цветан Костадинов Дворчанец, Никола Калпакоски и Борис Ношпал, кои заедно вложуваат околу 600 илјади динари.

Пиварницата имала изграден капацитет од 5000 хектолитри пиво годишно и 1200 килограми мраз за 24 часа. Со оглед на тоа што не биле стручни за дејност, ангажирале првин еден Чех, а подоцна и еден Хрват. Просечно годишно произведувале од 2000 – 2500 хектолитри пиво, кое главно го продавале во Скопје Битола и Прилеп. Слад купувале од Загреб и од Белград, а работеле со обичен јачмен, купуван на пазарите во велешко и прилепско.

Конкуренцијата била мошне сила, па сопствениците го продавале пивото за 50 проценти поевтино од другите пиварници, според што и заработувачката и акумулацијата им биле за толку пониски. На таков чекор биле принудени поради географската положба на Прилеп. Откако се изградила пругата Скопје – Солун, Прилеп останува отсечен, а материјалната положба на населението од Пелагонија не овозможувала потрошувачка на произведеното пиво во Пиварницата.

Од изворните податоци не се дознава колку работници биле ангажирани, но дневницата за 10 часовен работен ден изнесувала 15 динари, што е само нешто повеќе од другите работници во Прилеп. Моторната сила на Пиварницата изнесувала 103 коњски сили.

Од 1922 до 1927 г. во Прилеп се изградени два магацина за преработка на тутун. Првин се ангажираат работници од Велес, Крушево и Битола, зашто прилепчани одбивале да работат во монополот, бидејќи работата ја сметале за понижувачка, за потоа да почнат и самите да ги пополнуваат местата на монополски работници. Фабрикација на цигари, освен во Прилеп, во времето на Стара Југославија немало во Македонија. Тутунот се фабрикувал низ фабриките во другите краеви од Кралството. Во 1940 г. капацитетот на монополот се проширил на 12500 м2 складишна површина со просечно годишно постојано вработени 791 работник. Ангажирани се и сезонски работници. Максималниот број на вработени во монополот, заедно со сезонските работници, изнесувал 1637, зависно од годишните реколти и количеството на откупен тутун.

Мариовско е богато со борови и листопадни шуми. Затоа се забележани неколку бичкиџилници за бичење на борови трупци со погон на вода. Работеле главно сопствениците, помагани од некои посиромашни селани.

продолжува

Loading