СЛОБОДА НА МИСЛАТА!?

pismo-2

Многумина добронамерни и недобронамерни, сериозно ме прашуваат што е поентата на моите колумни. Прашањето ме насмева како што знае да насмее добар виц. Пишувам, едноставно, да се преиспитам себе си, заедно, и за оние кои имаат трпение да ме читааат.

Кој е тој, кој прв ги замрси работите, та сега не постои можност, покрај толкумина мудреци, да се размрсат. Колку што стареам, станувам сé понетолерантен кон неправдата. Не сум согласен со оној, инаку умен човек, кој вели дека толеранцијата е начин на живеење и мислење што се јавува со сé или ја нема во ништо. Со еден збор, ме боли неправдата. Се препотувам кога гледам како се прават катастрофални и историски грешки со некој си договори, со катастрофални последици.

Се среќавам со еден неверојатен феномен: некој воопшто честито не ги прочитал договорите и тиранската платформ, а зборува најголеми безмислици, извртувајќи ја секоја мисла што ќе ја дофати. Сето тоа се чини банално, лигаво. За среќа, некои луѓе не ми велат добарден, туку почитување. Битно е да те огрее сонцето на поддршката на мнозинството. Што се однесува до мене, не му припаѓам на овој човечки сој, што на зборовите им го менува значењето. Според мене, зборовите имаат строго дефинирани значење. На пример, вие едноставно не можете нечие индивидуално или колективно самоволие да го наречете демократија.  Демократијата во една земја, или ја има, или ја нема. Кога сме кај зборовите и нивното значење, да земеме уштре еден поим на слободата: ќе прочитате или некој ќе ви каже дека во Уставот ви е загарантирана слободата на мислењето. И вие се прашувате што ли значи сега тоа?! Дека може попладне да легнете на каучот, да гледате во таванот и да мислите што сакате. Вртите одречно со главата, се разбира. Та јас тоа без престан го правам секој буден момент, откако знам за себе и во тоа никаков Устав на светов не може ништо да одземе, ниту да додаде. Тогаш, очигледно, мора да значи нешто друго: дека врз основа на Уставот смеам неказнето да изразувам свои мисли за што и да е. Оние кои читаат мои написи со шепот ми честитаат. Да ми удрат шлаканица, нема толку да ме налутат. Улицата не е најпогоден просотор за изразување на идејни сродности. Сега, како некој да ме урочил: секојдневно гледам и слушам некои работи, што не сакам ниту да ги гледам, ниту да ги слушам, грабежи, предавства, понижување на Македонија. Зарем Македонија била ,,ситна риба,, да нема право на достоинство?! Оној кој во земјава работи за туѓи интереси, кај нас се нарекува предавник. Тоа мора да им биде јасно на сите. Искрено, го прифаќам политичко-филозофското кредо на Роза Луксембург дека слободата секогаш значи слобода на оној што мисли поинаку.

Слободата на мислењето подразбира и право на погрешно мислење. Правото се разликува од привилегијата по тоа што она што се бара за себе, мора да му се признае и на другиот. Човек може да стане соучесник во злосторство, во криминална активност, како и во предавство на Татковината, и со пасивност, со своето молчење.

Не зборавете кои сте и во моментот кога ќе ве опкружи она што не сте.

Прим др. Благоја Дамески

Loading