БЛЕД Е СЛОВЕНЕЧКО БИСТРО ОКО

– Езерото е центар на европскиот туризам

– Остров со црква

Bledski izvori

Ледниците на Јулиските Алпи со векови тагуваа за времето кога владееја со огромниот планински масив, а нивните кристални солзи долго се сливаа во мала котлина и создале магично езеро. Тука долго време престојувала старословенската божица Жива и се грижела самовилите да ја негуваат и да не ја повредат бајковидната природа.

Кога завршило времето на легенди и дошла 1004. година, германскиот цар Хенрик 2 му го подарил езерото на бриксеншкиот бискуп Албуини. Наследниците изградиле монументална тврдина и дворец на непристапниот гребен над езерото. Така е настанат средновековниот град Блед, а по него и езерото го добило името. Бледското Езеро е столб на словенечкиот туризам и заштитен знак.

Убавината на овој крај привлекува луѓе од сите краеви на Европа. Се наоѓа на 475 метри надморска височина и е идеално за одмор цела година. Јулиските Алпи и Караванките го штитат од северни ветрови, па владее блага и здрава субалпска клима. Езерото е на 144 хектари, долго е 2120 метри, широко 1380, а најголема длабочина му е 30 метри. Летно време температурата на водата преминува 24 степени, па од средината на јуни до крајот на септември можно е капење.

Остров со црква     

Под стариот град Блед има убав градска бања и прекрасна плажа, заобиколена со пасторална шума. На прв поглед Блед е мало место и се доволни неколку дена да се видат сите туристички атракции. Но, тоа не е точно. Понудата е разновидна, содржинска и обемна, а во околината има многу места кои треба да се посетат. Дури тогаш може да се сфати колку природата била дарежлива кон овој северозападен дел на Словенија, во близина на реките Сава, Бохињка и Сава Долинка. Иако градот има само 4537 жители, во околината има скоро исто толку посетители. Затоа не е секогаш лесно да се најде покрив над главата. Во хотелите, вилите и пансионите има само околу 4000 кревети.

Првин се забележува островот на западниот дел. Од крајбрежјето изгледа како да е никнат во срцето на ледената солза.

bledski vodopadi

Бујното зеленило и дрвјата ја затскриваат средновековната црква Света Марија и уште постарата капела од предренесансниот период со камбанаријата од 52 метри.  Како и во стариот град, тврдината и дворецот на крајбрежјето и овде скитаат духови на витезите и следбениците на Карло Велики и олегискиот патријарх Павлин. Понекогаш можат да се сретнат сенки од принцот Хенрик Втори и неговата жена Кунигунде. Лесно може да се налета на старословенско бестелесно суштество од предхристијанскиот период, затоа што скелетите во 124 гроба сведочат дека на островот му се молеле на Перун, Жива, Богумила и на богот Старослав. 

Романтична венчавка

Традиција е денеска венчавка на островската црква. Тоа е  обележје на романтика и престиж. Обичај е младоженецот да ја пренесе избраничката од брегот на островот до влезот, што не би била толкава мака ако на патот нема 99 скали. Злобниците велат дека уште не виделе убаво пополнета невеста и зет кој не билдар барем шест месеци. До бледскиот остров се доаѓа на традиционален дрвен чамец наречен плетно, заради платнениот покрив што ги штити патниците од сонце. Чамџиите користат исклучиво весла, оти е забранета употребата на мотори. По договор може да се обиколат и другите делови на езерото и подолго да се ужива во нереалната тишина која ја прекинуваат само благите звуци на веслата кога нурнуваат во кристално проѕирната вода.

На Блед секогаш има луѓе од екс – ЈУ, а најмногу во лето. Зимно време доаѓаат неискусни скијачи кои на ближниот ски центар ги учат првите чекори на снегот. Во пролет и есен, кога цените се значително намалени полно е со средношколци на екскурзија, групи на планинари и бројни југоносталгичари. Има и доста постари луѓе кои во термалните води бараат лек за својата болка. Цените не се за наши џебови во елитните хотели, но може да се најде пристоен престој за 60 евра со доручек.

Летен одмор во Словенија не е приоритет. Сепак сé поголем е бројот на оние кој предност му даваат на планинскиот воздух, отколку на плажите и шаторите за сонце.

Bledskoto Ezero e zastiten zank na  sloveneckiot turizam

Loading