ЦАРСКИ ДВЕРИ И ЕПИСКОПИЈА

Во Варош

P1080100-v1-800x445

Во околината на Прилеп се забележуваат многу мермерни споменици од различни времиња распоредени во црквите или вградени во храмовите и манастирските градби. Иако манастирот Св. Архангел Михаил има потекло од 12 век, сите елементи во неговиот круг не се од овој ,,близок,, век. Голем број се дело на мајстори од далечната антика. Такви се трите големи мермерни столбови вградени во тремот пред црквата, кои посебно го привлекуваат вниманието и даваат исклучително впечатлива естетика на градбата. Столбовите имаат долга традиција на примена во разни градби низ вековите. На еден има писмени траги кои упатуваат на старост, не  совпадлива со староста на денешната градба на црквата во манастирот. Тоа е првиот столб во колонадата од три слични елементи пред влезот на градбата на кој стои натпис на кој се говори за денот на смртта на извесен епископ Андрија во 996 година. Тоа упатува на претпоставка дека во древниот Прилеп во десетиот век престојувал епископ, што од друга страна може да значи дека тој бил и седиште на црковна власт, односно епископија.

Натписот води потекло од времето на Самоиловата држава. Познато е дека Прилеп во тоа време бил едно од седиштата на царот Самоил. ЗначИ, освен седиште на епископија ј располагал и со царска палата во која престојувал царот со свитата и послугата. Тука е и историското сознание дека во Прилеп Самоил ги дочекал своите 15 000 ослепени војници по загубената битка кај Беласица од војската на византискиот император Василиј 2. Самоил силно потресен се разболел и по два дена починал. Со тоа дошол крајот на неговата држава. Веројатно е дека Самоил имал царски градби и простории за престој. Следбениците кратко време продолжиле со владеењето и не успеале да ја задржат власта. Царските дворци останале запуштени или пренаменети.

Географската положба и развиената градска населба го привлекувала вниманието на цареви низ вековите. Траги на царско присуство во Прилеп има во времето на српскиот цар Стефан Душан (1331-1355 г.) кој Прилеп го освоил во 1334 г. Тој во Прилеп имал свој дворец со комплетна царска послуга кој го користел при патувањата. Од него се издадени и три повелби за манастирот Трескавец кои служат како верни извори за историските случувања во тоа време на овој простор. За дворецот на цар Душан во Прилеп потврда има од српскиот архиепископ Данило. Во делото ,,Животот на кралевите и архиепископите српски,, тој пишува и за Охрид и славниот град Прилеп. Градбата на царските дворци на царот Стефан Душан е резултат на постоење на слични градби пред неговото време. На некои печатени претставувања овој цар применувал и определба ,,Македонски цар,,, феномен кој во науката не е посебено добро објаснет.

DSCN0705-v1

Просторот на стариот Прилеп има археолошки остатоци во нагласени димензии од многу постарите периоди, особено за бронзеното и железното време, кога имал посебно значење. Многу антички споменици на разни места, особено по црквите во Варош, но и низ градот, упатуваат на значење и во антиката, посебно во римскиот период. Токму од римските ери потекнуваат споменици и археолошки предмети, а од Варош и една статуа на римски цар, какви што имало во позначајните градови во империјата.

Во манастирот Св. Архангел Михаил се среќаваат податоци за царско присуство во старите векови. Податоци има на ѕидот на црквата пред влезната врата. Од двете страни се насликани ликови на двајца познати владетели на Македонија, кралот Волкашин и неговиот наследник, синот Крал Марко. Тој со славата ги надминува сите претходни цареви, бидејќи влегува во народното предание и станува легенда, која освојува голем дел од светот со големите јунаштини опишани во приказните. Двата лика на кралевите Димитрија Волкашин и Марко се насликани – Марко од десно, а  татко му Димитрија Волкашин од лево на вратата на црквата Св. Архангел Михаил. Тие се изработени во времето на Крал Марко, веројатно, по смртта на Волкашин кој, заедно со својот брат Углеша, загинал на реката Марица, во местото Черномен каде што со 6000 војници се обиделе да го спречат напредувањето на османлиската војска на Балканот. Насликаните ликови се доста избледени, сепак се видливи. Двата се во стоечка положба, облечени во царски одежди. Волкашин е со бела брада и коса, а младиот Марко со црна коса и брада. Двајцата кралеви владееле со државата од престолнината Прилеп. Тоа укажува на значењето на овој град во тоа време. Тоа значи дека тие имале и свои царски престојувалишта со сите придружни елементи, кои биле неопходни за царски дворец. Тие биле на највидни места во населбата, во најзаштитениот дел на тврдината, зад највисокиот дел од утврдениот дел од градот. Тоа е време кога ридот Маркови Кули бил приспособен за живеење со голем број градби, објекти за царските служби и силно утврдување. Некои  археолози упатуваат на локацијата на денешниот манастир Св. Архангел Михаил, каде има многу обележја од таков карактер, како и голем број архитектонски елементи од мермер, кои биле дел од некои значајни градби во минатото.

За времето на Марко било и седиштето на епископијата кое било преселено со неговото загинување во битката со влашкиот војвода Јован Мирчеа на планината Ровине. Со постоењето на епископско седиште во Прилеп во времето на Самоил, и подоцна на Крал Марко, се поврзуваат мноштвото цркви во просторот на градот. Во едно предание се говори за 77 цркви. Тоа е поткрепено со археолошки и историски потврди за голем број на цркви во Варош. Постоењето епископија е поттик за размислување за постариот период на Прилеп од аспект на верски развој и воопшто религиска традиција на овој град.

http://www.pelagon.mk/

Loading