СПОМЕНИК НА БУРНИТЕ ВРЕМИЊА

ЦРКВАТА СВ. НИКОЛА ВО СЕЛОТО КРСТЕЦ

P6020035-V1

Под врвот Козјак (1776 мнв) е селото Крстец. Речиси е иселено. Малку живот даваат неколкуте поранешните жители стопанисувајќи со мали земјоделски површини и пчели, па и ретките посетители и викендаши.  Црквата Св. Никола кај селска чешма богата со вода уште е привлечна архитектонска градба. Не стивнува грижата на група поранешни жители. Оособено привлекува складната архитектура камбанаријата и оградниот ѕид, од локален светлокафеав камен, кој зрачи со естетика и топлина. Иницијаторите и градителите имале чувство за материјалот на градбите низ мајсторство во изведбата.

Храмот преживеал трауматични времиња, насилност, трагичност и погубност. На повеќе места на градбата на црквата, на камбанаријата или на живописот стојат натписи со датуми кои потсетуваат на бурен и трагичен период. Жителите раскажуваат дека за времето на Првата Балканска Војна се градела, доградувала и украсувала црквата. Тоа бил пркос на деструкциите. Градбата била подигната во 1881 година на место каде имало храм со постар датум. На неколку икони се бележи натпис  од 1883 година. Турскиот период е застапен на два натписи. Едниот е на влезот во тремот на црквата, од 1904 година. Другиот е над влезот во камбанаријата со натпис од 1905 година. Следи натпис од Втората Балканска Војна на една мермерна плоча во тремот на црквата од 1913 година.

Од бурното време потекнува еден од поголеми зафат. Најголемиот дел од живописот е од 1943 година. Потврда има над вратата на западниот ѕид. Живописот го работеле браќата Доневи од селото Гари. Тие се потомци на познато зографско семејство од 19 век. на Андреј Петров Ангелков со синовите Димитар, Георги и Нестор. Нивните имиња се среќаваат во црквата Св. Спас во Кален, во Св. Троица во Ропотово и на други места. Од литературата се познати Андон (Доне) Георгиев Донев и неговиот братучед Илија Димитров Донев, кои како живописци се од 1938 година. Се верува дека токму тие се и мајсторите од црквата во селото Крстец.

P6020102-V1

Во црквата се среќава фрескосликарство со различни датуми. По иконите од иконостасот, од потписите за подарување се гледа дека тие биле поставени приближно со датумот на изградбата на црквата, односно, 1883 година. Повеќе икони се од жителите. Веројатно е дека од тоа време се живописани и ѕидовите, но во 1943 година живописот бил целосно обновен од страна зографската тајфа од Гари. Споредбата меѓу мајсторите од Крстец и нивните постари предци од селата Кален и Ропотово, се забележуваат содржински и естетски разлики. Фрескосликарството на постарите предци се одликува со богат колорит и изразени бои, а живописот од црквата Св. Никола во Крстец се одликува со послаб колорит, со слабо изразени бои и особено присуство на црната и белата боја и бледосиви површини на живописот. Ваквиот израз од живописот потсетува на збирка од своевидни цртежи, иако тоа не значи дека нема своја вредност. Застапената естетика успева да го привлече и задрже вниманието. Авторот успеал да постигне извесна импресивност и свеченост на изгледот на композициите и ликовите. Некои од композициите се со нагласена содржајност и складност на елементите. Атрактивни се ,,Судењето Христово од Пилат,,, каде се забележува блага драматика и извесна психолошка димензија, ,,Вознесението Христово,,, каде се со своевидна раздвиженост на ликовите и др. Содржински се среќаваат неколку композиции и ликови, меѓу кои и композициите ,,Раѓањето на Исус Христос,, и ,,Воскресението Христово,,. Уметничкиот израз и квалитет се далеку повисоки кај иконостасот од 1883 година. Со особена ликовност се одликуваат иконите Св. Архистрати Михаил, Св. Никола, Св. Богородица со Исус Христос, Исус Христос Седржител, Св. Јован Крстител, Св, Пророк Илија, како и ликовните содржини на портикот на иконостасот, на кој ги среќаваме ликовите на цар Соломон, цар Давид и Благовештението. Иконите се колоритни, со хармонично распоредени бои, како и со комплексен психолошки израз на ликовите.

За жал, не е познат авторот на овие христијански ликовни дела кои заслужуваат посебно внимание.

Посебен момент од живописот е патронската фреска на надворешната страна над влезот. Станува збор за ликовно дело со нагласени естетски вредности. Ликовниот израз потсетува на постарите мајстори. На фреската, портретот на Св. Никола пречекува со сериозен поглед со загриженост и нагласен психолошки набој од кој зрачи длабоко изразена благост. Авторот постигнал длабок психолошки ефект, кој потсетува каде се наоѓаме и во каков објект влегуваме. Ликот воведува во божјиот храм и поттикнува божествено чувство.

http://www.pelagon.mk/

Loading