ХРИСТИЈАНСКИ СПОМЕНИК КАЈ СЕЛОТО ГУДЈАКОВО

МАРИОВО

freski vo karpa

Низ зараснатии патишта по кои е тешко да се поминува, не се очекува културно изненадување со силна естетика, зачуваност и свежина, бидејќи просторот е запоставен и ненаселен, дивите животни слободно владеат, а човекот ретко доаѓа низ џбуновите, капините, трњето и високите треви. На околу 35 км југоисточно од Прилеп, на левиот брег на Црна Река во Мариово се остатоците од испустеното село Гудјаково. Во близина се наоѓа споменик на културата, зафрлен во густа шума од зимзелени и листопадни дрвја. На една карпа висока околу 3 м. е локалитетот Писаник со два импресивни фрескоживописа во издлабени ниши на височина. Во две засебни ниши бил изработен фрескоживопис со Св. Недела и Св. Никола. Карпата била културен споменик, кој уште фасцинира со импресивноста. Интензивните бои упатуваат дека делото го изработил вешт мајстор – фрескоживописец. Не е потпишан. Првин биле изработени нишите, внатре премачкани со вар. На него со живи бои биле насликани светците. Од лево на десно, прв е ликот на Св. Недела, во обична правоаголна ниша. До него е ликот на Св. Никола, подобро изработен во подлабока ниша, со изразена рамка со полукружна форма на горната страна. Двата фрескоживописа се намерно оштетувани, можеби и со пукање од огнено оружје, но и со гребење со тврди предмети и раскопување и корнење на малтерот. Карпата се наоѓа лево од патот, кој води кон Црна Река и селото Врпско.

Во околината се наоѓаат неколку локалитети со археолошки содржини. На околу 1 км е локалитетот Градишка Тумба со остатоци од раната антика, римскиот период, како и доцната антика. Блиску е и локалитетот Средна Грамада со остатоци од доцната антика. Северно е Манастириште со остатоци од древно време, остатоци од ѕид за кој, по предание, се тврди дека бил дел од стара црква. Според некогашните жители, црквата била во служба на населбата од Градишка Тумба. Блиску е и локалитетот Момини Порти каде, според легендите, се среќавале прстени, обетки и сл., оти загинале неколку девојки, фрлајќи се од високите карпи, бегајќи од Турците.

Тешко е било што да се каже за потеклото на живописот. Јасно е дека е изработен од познавач на зографската техника, бидејќи ликовите се релативно квалитетно насликани, со чувство за сразмерност и складност во анатомијата. Мајсторот имал дар за сликањето на облеката. Ги познавал украсувањата и претставите на ликовите на светците. Св. Недела е претставена со ореол, круна преку долгата коса на главата, со наметка и преку долгиот фустан украсен со долга вертикална лента по средината, исто така, орнаментирана, како и манжетните на ракавите. Во левата рака држи развиткан свиток со натпис. Натписот е избледен и слабо читлив. Ликот на Св. Недела е чист, со смирен, но втренчен поглед. Видливо е дека постои извесно избледување. Затоа не може да се долови автентичниот израз. Св. Никола е претставен со ореол, митра на главата и вообичаена високодостојничка христијанска облека. Десната рака му е свиткана нагоре, палецот, средниот и домалиот прст му се споени со израз на светото тројство. Показалецот и малиот прст се исправени. Во левата рака држи книга, библија. Ликот е оштетен во голема мерка. Тешко се се воочува изразот на лицето. Фрескоживописот со Св. Никола е многу повеќе оштетен, со гребење, откорнати се цели фрагменти од малтерната површина и голем број оштетувања со дупчење.

Имајќи предвид дека црквата Св. Архангел во Гудјаково била живописана 1931 година од зографи од селото Гари, се претпоставува дека и живописот на карпата е од истите мајстори. Сепак, впечаток е дека  живописот се одликува со поинаква естетика. Поголема е веројатноста дека е изработен од друг мајстор, порано, односно во 19 век. Тешко се одгатнуваат авторот и датирањето. Значајна е култноста на карпата, оти веројатно има многу постаро потекло, поврзано со старо верување на жителите кои егзистирале во минатото на овој простор.

Средбата со христијанскиот споменик останува фасцинантна поради уметничките вредности. Но, и изненадувачка и разочарувачка поради незаштитеноста и изложеноста на уништување.

Loading