ПРЕДАНИЕ ЗА СЕЛОТО ЛИСИЧЕ НА ЦРНА РЕКА

МАРИОВО

Liseice Gradot Markovi Kuli

За локалитетот Маркови Кули – Градок е поврзано и едно старо предание кое е живо меѓу жителите на селото Дуње. Тоа говори за настани кои се случиле во населбата која егзистирала на ова место во турско време и која е позната како Лисиче.

Во турско време на местото на денешното Лисиче постоело село со исто име. Жителите на селото се занимавале со одгледување добиток и имале голем број говеда. Еден ден кога мажите не биле дома, туку биле зафатени со работа надвор од селото, од Битола во Лисиче дошле некои Турци арамии. Ги собрале воловите од селото и ги спотерале за Битола. Кога се вратиле мажите, жени им раскажале што се случило. Тие се собрале да се договорат што да прават. Се договориле да ги престигнат арамиите на патот, да ги убијат и да им ги одземат воловите. Така и направиле. Собрани во многу поголем број од арамиите ги пречекале кај местото Топли Дол пред селото Маково. Ги убиле сите до еден за да не остане никој да пренесе во Битола што се случило. Така ги вратиле воловите во селото. Плашејќи се од одмазда, селаните од селото се разотишле да живеат на други места во околината на селото Дуње, Пештани, Вепрчани.

Друга верзија на ова предание се пренесува дека жителите на селото Лисиче имале многу говеда и некогаш дошле Турци од Битола кои купиле поголем број од нив. По продажбата, жителите се исплашиле дека кога Турците ќе ги отераат говедата во Битола, ќе се расчуе дека во нивното село има многу говеда и ќе дојдат арамии да ги ограбат. Затоа решиле да ги престигнат, да ги убијат и да ги вратат говедата назад. Така и направиле кога ги пречекале Турците во местото Топли Дол.

Loading