БОКА – „НЕВЕСТА“ НА ЈАДРАНОТ

Boka so dva ostrovi

Бока остава без здив, сеедно дали се доаѓа преку морски пат или по копнен. На патниците им се чини како планините да распукале и го пуштиле морето во нивниот скут. Тоа е најјужниот фјорд во Европа.

Над тенката линија од брегот се надвиснуваат високи планини, штитејќи ја од суровата клима која доаѓа од север. Затоа Бока е оаза на медитеранската вегетација – агави, палми, мимози, леандри, киви, калинки, лековити билки… Додека на нејзините врвови има снег, во подножјето цветаат рози и камелии.

Заливот е природно поделен на четири помали – Херцегновски, Рисански, Которски и Тиватски. Вдолж брегот, како бисери се нижат градови кои се ризница на историјата, уметноста и убавината.

Котор е стар поморски и културен центар. Со векови бил раскрсница на трговските патишта под силно влијание на Венецијанската република. Заштитен е со цврсти одбранбени ѕидини, градени на планините уште од времето на Византија. Во градот, опкружен со тврдини, се наоѓаат бројни културно – историски споменици, палати, катедрали, цркви… Жива историја. Познат е по фештите и карневалите кои се одржуваат и во лето и во зима. До Котор се наоѓа гратчето Доброта, место каде се зачувани бројни палати од некогашните поморци и сопственици на бродови.

Пераст е населба со многу поморци од светски глас и пример за град на кој целата судбина му е свртена кон морето. Со стилот на живот потсетувал на Венеција со која имал нераскинливи трговско – културни врски. Полн е со остатоци од дворци на старите богаташки фамилии, кои се сега само сенка од некогашниот сјај и богатство. Во една од нив, палатата на Бујевиќ, сместен е музејот на градот. Пераст своевремено бил центар за поморска обука, во кој доаѓале и руските големци да ги научат поморските вештини. Местото се смета за колевка на руската флота.

perast-and-kotor-shore-excursion-in-kotor-320020

Пред Пераст, се наоѓаат две мали островчиња, едно природно, а другото вештачко – Богородица од Шкрпељ и Свети Ѓорѓи. Тие претставуваат прекрасна туристичка атракција. Во близина е и населбата Рисан, позната по остатоците од културата на стариот век. Во него се пронајдени остатоци од вила на римски патрициј со подни мозаици, кои не заостануваат по убавината, создадени во Рим во тоа време. На територијата на градот била и престолнината на илирската кралица Теута.

Тиватскиот архипелаг го составуваат три острови – Превлака (островот на цвеќето), Страдиони со туристичката населба Свети Марко и островот Богородица Милостива. На овие острови и во сите населби во тиватската општина се наоѓаат вредни сакрални објекти. Најпознат е манастирскиот комплекс на Превлака. Веќе 50 години, Тиват го има единствениот аеродром на црногорското приморје.

Херцег Нови е град кој се наоѓа на почетокот на бокакоторскиот залив. Неговиот изглед е илустрација на неговата бурна историја. Тоа е мешавина на римски, византиски и ориентален стил, спакуван во медитеранско милје. Куриозитет е тоа што сите прозорци се свртени кон сонцето. Тој е еден од најтоплите градови на Јадранот. Убаво е да се посетат музејот и архивот на градот, галеријата на модерни уметности, како и стариот град со османлиската саат кула.  

Loading