ГИ СПУШТИ КЕПЕНЦИТЕ КУМЕНЏИЈАТА ИЦЕ КИСЕЛОСКИ

Ice KiseloskiЉубов се вградуваше во златните “ракотворби”

За занаетот обично се вели дека е златна белезица. Куменџијата Ице Киселоски немаше кој да го наследи и ги турна кепенците на дуќанот во чаршијата. Го издаде малиот објект на златар, трговец. Киселоски од дете бил со сјајот на благородните метали во рацете. И тој е наследник од дедо – предедо. Умешните раце создавале накит од злато и сребро. 

-Китењето, накитот е старо од памтивек. Креативност, умешност и трпение е карактерот на секој мајстор со благородни метали. Своевремено правевме париња, франги – француски, турски, само по порачка, со гравура или апликација по желба на муштериите. Откупувавме старо злато, останато од постари. Ги лиевме во калапи, го топевме, финиравме да се создаде синџир, гердан, прстени… Не знам колку накит минал низ прсти. Познати златари беа и Буштревци, Трпчевци… – вели Киселоски.

Златарите и филигранистите изработувале метален накит од сребро, злато. Филигранството е обработка на тенка сребрена жица во разни форми. Постоеле кујунџии, занаетчии со уметничко чувство и џеварџии, јувелири – на кои специјалност им било обработувањето на скапоцените камења.

Со разни техники се изработува накитот. Киселоски вели дека некогаш се лиело во земјени калапи. Познато му е декорирањето со украсни камчиња – циркони, рубини, сафири, драгоцени, полудрагоцени му е познато… Мајсторлак е да се намести камчето или декорираат орнаменти на парчињата китени со нежност и доведени до финост која “заслепува”. Уметничката дарба ја искористил да направат спомени кои долго остануваат во семејствата. Тие се печат, со свое значење и се носат на себе како украс.

Loading