Меѓу последните куменџии е Кире Трпчески
– Ице „крпи“, зашто сериското производство го „закрпи“ џебот на љубителите на златни „ракотворби“
Во генот му се благородните метали на 54 годишниот Кире Трпчески, еден од последните куменџии, златари во дуќанот во Старата чаршија. Задоен е се злато сребро и благордони камења во многугодишната традиција на создавање на накит на неколкуте генерации на семејното стебло на Трпчески. Тој е трето колено. Наследник е на дедо му Киро, и татко му Ице и чичко му Спире. Успева да одолее на новите технолошки трендови кај златарите кои веќе не се занаетчии, туку трговци со исклучок на неколкумина во еснафот и надежната филигрантка во подем Величе Гокчева.
И Трпчески се прилагодува на времето. Се осовременил со ЦНЦ машини, за која можеле да сонуваат неговите претци.
-Кога почнав да ги откривам тајните на занаетот во дуќанот кај дедо ми, а после и кај чичко ми се се работеше со вешти раце искуството и примитивни алати. Додека го печев занаетот, очи истекуваа, нервите пупуштаат во трпеливата макотрпна работа на минијатурните уникатни ракотворби од злато, сребро или платина кои ги красеа прстите, градите или ушите на муштериите. Работата сега е доведена само на услуги и ретки нарачки за прстени, гердани или други украси. Главно се лепат скинати синџирчиња, приврзоци, обетки, не само од злато, туку и бужутерија. Понекогаш доаѓаат повозрасни муштерии со материјал да нарачаат прстен или нешто слично со некоја стара или посебна креација за одржување на традицијата. И тоа е сé. Исчезнува занаетот – кажува Трпчески.
Со разни марифети се изработува накитот, главно од 14 каратно злато. Вештите прсти финираат прецизно златни и сребрени предмети, ретко со скапи драгоцени камења како дијаманти, рубини или сафири. Малото дуќанче е галерија на дела од злато, гердани, прстени, обетки, приврзоци на дарот со корен на семејството Трпчески. Кирил негува надеж дека ќерката можеби ќе го продолжи занаетот, иако е информатичар, зашто традицијата може да се унапреди со младешка креативност, фантазија, визија…
Сигурноста на богатството
Златарите правеле и украсни свеќници од сребро, злато, садови за домаќинство. Во црквите често крстот, чашата од која се причестува, “круните на челниците” се изработени од злато или сребро.