ТВРДИНАТА НА „СКАМЕНЕТАТА БАБА“

Остатоци од древна тврдина во близина на Маркови кули

Baba - tvrdina so anticki koreni

Посебно била почитувана естетиката на просторот населен од древните жители. На тоа наведува древната населба на локалитетот Баба кај Марковите кули. Таму постоела древна тврдина, чии остатоци можат да се видат и денес. Пространата рамнина била опкружена со ѕид, а остатоци од стари градби се забележуваат на поширокиот простор.

Од остатоците на тврдината се гледа дека ѕидот имал основа од поголеми камени блокови. Тоа наведува на можноста тврдината да датирала од антиката. Над камените блокови се доградувале помали камења со малтер кои потекнуваат од подоцнежните времиња на антиката и средниот век. Дали на ритчето Баба имало тврдина уште во архајскиот период (700 – 600 г. п.н.е), на што асоцираат деловите од ѕидот на утврдувањето градени со големи камени блокови? Констатираните траги од праисториска населба, алудираат на подолг континуитет на населување. Тоа се градби за заштита од разни напади.

Зачувана тврдина

Делови од тврдината на скаменетата “баба” се зачувани, посебно од северозападната страна, каде се гледаат остатоци од ѕидови високи и до еден метар со дебелина од 1,35 метри. Јужниот дел се движел преку една голема карпа, која од долната страна е стрмна и претставува непристапен дел. Од источната страна, според останатите траги, се наоѓала една од портите за влез во утврдувањето. Карпите градат природна порта. На работ на утврдениот дел се среќаваат длабени делови со помали размери, кои, веројатно, служеле за прицврствање на портата. На теренот се наоѓаат измешани голем број керамички парчиња и камења. Западниот дел, како да бил расположен на неколку помали тераси, кои, исто така, биле утврдени. Според археолозите, тврдината зафаќала простор од околу 1,5 ха.

Богатство наоди

Од археолошките наоди, доминираат монетите. Најстара регистрирана е една на градот Пела, кој бил престолнина на античката македонска држава. Таа е од бронза. Потекнува меѓу 187 и 131 г. п.н.е, кога почнува растот на  македонската империја на кралот Филип Петти (220 – 179 г.) и неговиот син Персеј (178 – 168 г.) во чие време се случувале и македонско-римските војни. Тие кобно завршиле. Македонија ја губи независноста и сите права како голема империја. Покорена е територијата од Рим во 168 г. п.н.е. Паѓа и последниот македонски крал Персеј. Монетата се доказ дека населбата на Баба постоела уште во тие времиња. Тврдината била значајна според местоположбата, крај патот што минувал преку Дервен и преку кој навлегувале напаѓачи од север. Просторот е доминантен над пошироката околина. Во голема мера можеле да се следат движењата на патиштата.

Други регистрирани наоди се монети од римскиот период. Една бронзена е на царот Теодосие (397 – 395 г. п.н.е), потоа 40 нуми (римски ковани пари) од Јустин втори и други. Се споменува една поголема збирка на монети, фолиси и полуфолиси од рановизантискиот период во нумизматичката збирка на Заводот и Музеј. Таа содржи монети на Јустинијан први, Јустин втори, Тибериј Константин, Тибериј Константин и Анастасија и на Маврикиј Тибериј. Се работи за 51 монета од стотина најдени покрај скаменетата “баба” пред околу 60 години. Се работи за случајни наоди кои се резултат на приватни активности и сугестии.

Мартириум за реликвии – знак на ранохристијанска црква

Други археолошки показатели се обработената правоаголна форма во карпа со димензии од околу 80 см. должина и околу 60 см. ширина која се содржи издлабена форма на крст во средината, доста деформиран од ерозија и по една дупка во аглите на правоаголната површина. Објектот се наоѓа до камената “баба”. Според археологот А. Миткоски, ваквите објекти се делови од мартириуми кои биле мали објекти во ранохристијанските цркви во кои се чувале реликвии. Тоа е доказ дека треба да се бара и ранохроистијанска црква, која веројатно егзистирала во времето на царевите од римскиот и византискиот период. Мартириумите се користеле за чување мошти на ранохристијански маченици. Чувањето мошти се применувало од 4 век. 

Постоењето ранохристијански храм со мартириум поттикнува на размисла за каков маченик се работело и од каде потекнувал. Големи се можностите за негово потекло од овие простори.

Македонија е прва земја во Европа каде христијанството продрело и се раширило, речиси изворно преку самиот Исусов ученик апостол Павле. Како што е познато, Јустинијан ја формира во Македонија т.н Јустинијана Прима, според археолозите и дел од денешното Скопје во 535 г. Во неа егзистира и Првата архиепископија во Македонија. Нејзиниот век не бил посебно долг, сепак се изградени многу тврдини и ранохристијански базилики, утврдено со археолошки истражувања.

Извадок од книгатаДревна цивилизацијаод Тренчо Димитриоски

Loading