ЗАМЕНСКИ ПРИДАВКИ

ivce1Многу грешки, многу написи. Сме заборавиле веќе што сме пишувале. Таков е и овој случај. Не се сеќаваме точно дали сме пишувале опширно и дали воопшто сме пишувале за заменските придавки. Грешкава за која ќе пишуваме ја слушаме многу често, па нема да биде штета ако напишеме и по вторпат. За што станува збор? Постојат група зборови кои се викаат ЗАМЕНСКИ ПРИДАВКИ: – таков, таква, онаков, никаков, сето, сиот, истата, истиот и други. Ќе пишуваме за погрешната употреба на заменската придавка ИСТИОТ (истата, истото). Мошне често ја слушаме да се употребува како лична заменка, а тоа е голема грешка. Еве еден таков пример, реченица што ја слушаме на телевизија: “Манијак, нападнал две жени. Истите викале и барале помош” . Грешкава ја слушнавме на сите телевизии и ја прочитавме и во весници. Зар не е сосема јасно? Жените биле нападнати. Тие викале и барале помош. Значи – ТИЕ викале, а не ИСТИТЕ викале. Друг е случајот ако, на пример, речеме дека – “Истите жени и вчера биле нападнати”. Во овој случај зборот ИСТИТЕ оди заедно со именката, има атрибутска функција, ја дообјаснува именката. Голема е оваа грешка што ја слушаме редовно. Ќе чуеме ваква реченица: “Крадецот побегнал со пленот но истиот бил брзо фатен”. Грешка! ТОЈ бил фатен, а не ИСТИОТ. Ако речеме дека истиот крадец и бил познат на полицијата и од порано, тоа е веќе друго нешто и тоа е точно. Но, заменската придавка ИСТИОТ, неможе да биде заменета со лична заменка. Па според тоа, како што рековме: ТОЈ бил фатен, а не ИСТИОТ. Чудно е зошто оваа грешка се употребува се почесто и почесто.

Многу наши луѓе, особено спортските тренери ги бодрат своите играчи со извикот АЈМО, АЈМО! Требаше да дојде Раул Гонзалез од Шпанија, да го тренира Ракометниот клуб “Вардар”, но и да научи правилен македонски јазик. Првпат од него слушнавме да ги храбри играчите, велејќи – Ајде, Ајде! Браво за Гонзалез. Ние, какви што не дал Господ, брзо се враќаме на “своето”. Го слушавме тренерот на женската кошаркарска репрезентација. Ги собира кошаркарките и им дава упатства и вика – Ајмо, Ајмо! Тој и не помислува дека тоа е српски извик. Дека тоа е скратена форма од – АЈДЕМО. И не само тој.

Еден стих на Кочо Рацин гласи – “Та не сме саде ние, та не сме саде тука”. Рацин мислеше на сиромасите кои се насекаде. Ние, мислиме на јазичните игноранти, кои се насекаде, во сите медиуми, во сите институции. Буквално насекаде!

Гледаме пред некој ден извесна госпоѓа на телевизија. Беше претставена дека била режисер. Од разговорот слушнавме: У СТВАРИ, ЖУТО, ДРУГАЧИЈЕ, и што ли уште не. Зборуваше за многу работи, набројуваше многу нешта и на крајот вели: – СВЕ И СВАШТА. И навистина, слушнавме и се изнаслушавме од госпоѓата режисер – СЕ И СЕШТО. А пак ние, наивно сметаме дека режисерите треба убаво да го знаат јазикот. Нашиот јазик.

Loading