И НАКРИВЕНАТА СААТ НЕ КУРТУЛИ ОД МАЈТАП

– Саатот вика „ах“ за времето и ја симболизира машкоста, исправеноста, простумот, инает и непокорност         

20070343

За прилепчани, Саат-кулата е култ, вечност, курназлак, факманлак и кападаилак. Тој е сведоштво за богата духовна средина, велат прилепчани. Нивниот табиет да се препознаваат меѓусебе по прекарите не ја одмина ниту градската Саат-кула во срцето на градот, во Старата чаршија. Според кажувањата старите прилепчани и 160-годишниот саат имал свој прекар. Еснафот во чаршијата го крстил прчикур, оти бил висок 38 метри. Мајтапот стигнал и до саатот, оти тој симболизирал машкост, исправеност, простум, инает и непокорност. Накривеноста не го загрозува истопорениот, на мајтап велат за саатот.

Граѓаните ја приспособиле и поговорката “Кај да си за Божик, дома да си”, во ново издание “Кај да си, од саатот подалеку да не си”. Тие што оделе подалеку и не го гледале ги викале шетани луѓе.

prilep saatot navalen

Градскиот саат подолго време го мери времето електронски. Заменета  не е соодветна без автентичните удари, ама ја одржува традицијата. Механизмот е изарчен од век и пол броење. Папсан е и не отчукува веќе 20 години. Тешко се наоѓа мајстор да ја поправи виенската машинерија, носена од Виена до Смедерево со брод по Дунав, а потоа со арабаџиски коли до Прилеп. Неколкумина мајстори се обидоа да се отстрани дефектот на машинеријата и да се активира оригиналниот сигнал за мерење на времето, саатот пак да го удри мандалото на камбаната и да чукне 12 пати на  пладне и на полноќ, означувајќи го времето, како сефтето во 1858 година.. Неколкумина дреари, леари, други мајстори пробаа да го курдисаат  саатот, ама не им успеа. Успејаа само да се исчистат скалите со курешки од гнездата на градските гулаби, кои најдоа свој дом во височините на саат-кулата.

Прилепчани се идентификуваат со саатот. На градскиот амблем е и тој, заедно со Марковите кули и со тутунот. Тоа се трите нишани на Прилеп.

Sequence 02.00 02 14 04.Still025

– Се уреди околината на саатот. Полека се навраќаме на минатото, на  предците што со гордост и со мака го граделе Саатот, повисок од Чарши-џамијата, на неколку чекори од саатот, и тоа во турско време – вели една прилепчанка.

Идејата за градба на камена саат-кула била на прилепчаните Коста Лауц и Ристе Тасламиче, кои со шест тајфи мајстори ставале шест метри темели, потурајќи ги гранитните кукулски камења со врела вар. Легендата вели дека секој прилепчанец требало да даде најмалку по едно живо јајце, кое се вградувало во темелот на шестоаголникот за да биде цврст како варовник. На првото отчукување присуствувал и битолскиот валија. Тој се изненадил од височина поголема од џамијата и сакал да го скастри. Но, се срамел и страхувал од реакциите на дел од присутните западни конзули. Една приказна вели дека Саатот отчукува “ах”, оти една прилепчанка на мандалото ги ставила писмата од својот сопруг, кој не се вратил од печалба во Влашко. Во друго предание се раскажува дека во стрелките на саатот живеат духовите на Глигур Поснасарма и Суле Дервишот, кои биле прилепски хроничари и го бележеле времето. Стари раскажуваат дека саатот бил место на спокојство. Возрасните ги терале намуртените да завртат три круга околу саатот за да им помини уѕурот.

Пиза во Прилеп

Градскиот саат повеќе години се накривуваше на југоисточната страна. Мерењата покажуваат дека кулата отстапува од вертикалата 114 сантиметри и се повеќе прилега на кривата кула во Пиза. Заводот за заштита на спомениците со градежна интервенција го запре накривувањето. Се проценува дека повеќе сатот не се  дума да се урне како што пресметуваа статичарите. Тој веќе не е опасност да направи трагедија од помал потрес. Историјата нема да замине во неврат затоа што прилепчани го доживуваат Саато како свое дете. 

Loading