ЧУДНИ СЕ ПАТИШТАТА ГОСПОДОВИ

Манастирот Свети Пророк Илија кај селото Дрен

DREN-03

Преку селото Тројаци, Беловодица или Топлица се стигнува до манастирот Свети Пророк Илија, кај селото Дрен по патот преку Тројаци. Триесетина километри релативно добриот пат „зачинет“ со дебели стебла од вишни дрвја. Гранките од двете страни подаваат “раце”, преплетувајќи се, прават незаборавен венец, разеленет тунел со пријатна сенка во дабова шума на прегратките на Дренската планина. Рекичките се минуваат при смалени води. Човек не може да замисли дека во ваква дивина може да никне Господов храм. Чудни се патиштата Божји. На ритче над селото Дрен, во месноста наречена Манастир, “изникнал”  манастирот Свети Пророк Илија. Од двете страни мали водотеци природно го оградиле местото. Жуборејќи, го привлекуваат вниманието да се ѕирнат. Припитомена убавина.

На влезот има лозница. Паднати се листовите есенско време. Од страните колоритност од есенски цветови на струмичиња или хризантеми. Мискојна се шири, небаре се гази на патеката кон рајската градина. Опива мирисот. Чистиот воздух цветовите опуштаат. Ладната вода блика од чешмата на која силно “свети” сонцето со 16 краци, вие бујна вода шепурките. Течноста “лекува” со поглед и освежува. Блеењето на овците допира од трите куќи кои се единствени во селото Дрен. На страничниот ѕид од стариот конак не пречека молитвата господова “Оче наш”.

Манастирските двери отворени

Огромната дрвена порта направена од бел бор, висока пет и половина метри и тешка два тони, лесно и скромно се отвора пред нашата љубопитност да ѕирнеме во душата на овој манастир. Божјиот храм е на местото на разрушената црквичка. Не била по строгите црковни правила. Била мала и се крена нова.

Црквата е поголема од претходната. Според црковните правила со камен, со куколски гранит и травертин, дотерувани од вештите раце на мајстори од Пустец. Грандиозна е, 11 метри висока, 10, 5м. долга и 9 широка. Над 100 илјади евра обезбедиле домаќините од граѓани, фирми. И МПЦ и Македонците од дијаспората и други добронамерници помагаа побрзо да се изгради Божјиот храм. Само иконостасот е околу 30 илјади евра каде стои најстарата икона од пред 100 и повеќе години.

Манастирскиот одбор е грижлив.

Владиката Петар ставил мошти од шестиот век во темелите, а кои биле донесени од Романија.

286680-umetnicite-se-sobraa-vo-manastirot-sv.ilija-vo-dren

Ктиторот Цветко го сонувал светецот  Илија

Претходната црквичка била изградена во 1949 до 1952, на темелите на некое мало црквиче. Ја осветил Митрополитот дебарско – кичевски Методиј. Ктитор, градител бил Цветко Георгиоски, кој бил земјоделец и сточар. Според едни на Цветко, на сон му дошло да се гради манастир на тоа место. Често го сонувал светецот со бела брада качен на коњска кола и тупотел како да поминува цела војска. Во 1949 година пронашол темели на стар манастир на сегашната локација, а пронашол и черепи што сведочело дека тука имало црквиче и пред тој да гради. Само со помош на семејството го подигнал манастирот како и една соба за посетители.

Мештаните раскажуваат дека уште тогаш на тоа место се палеле свеќи. Друга “легенда” вели дека Цветко бил човек на кого децата му умирале по раѓањето. Го сонил местото каде да подигни манастирот. Го изградил по Божја волја и потоа имал четири деца и ден денеска се живи. Не знаеме која е вистинската приказна но нешто го натерало Цветко да го изгради манастирот. Одамна таму имало манастир. И сега при копање пронајдени се четири гроба кои пак се закопани до темелите.

Во 1985 година е изградено поголемо црквиче. Служби се одржувале на Свети Илија, Свети Арахангел Михаил, Томина недела.

17506524 10210510469772421 817015988 n

Велелепни конаци

Во поплочениот двор шармира велелепната зграда на новиот конак со балкони, под нив трпезарија за 100 души, а потаму камбанарија. Конакот има 20 чисти спални со беспрекорно средени кревети. Внатре има душеме, балкон поплочен со мермер. Има и бањи и просторија за управата. Хигиената е на високо ниво. Конакот дише од чистота и убавина која воодушевува. Навечер кога ќе светнат канделабрите помислувате дека сте дел од некоја прекрасна бајка. Романтично. Просто од градите се откинуваат воздишки на присутните.

Од змијарник никна место за вооздишки. Зелена оаза од пустелија. Сé е припитомено. Цвеќето се одгледува, небаре се очи. Многу пари се даваат по цветните садници, хортикултурата, дури и за овошни дрвца – круши, јаболка, ореви, сливи, па жални врби, зимзелени дрвца кои се обликуват да изгледаат необично. Се негува и црешата насадена од Цветко.

Покрај специјално направените две скари и фурна, има повеќе од четири декари земја, Сé е заградено поради животни, дотерано собрани лисје и искосена трева. Лете се одмора на ливадата наземи или крај масичките со клупи.

И зиме и есенско време секој ден има човек, а и посетители.

17776882 10210510469572416 60827442 o

Водите околу манастирот го крадат вниманието. Чешмата со три шепурки има силен извор. Мајсторите врзале десет чешми во затворен систем со резервоар од 12 кубици вода. Во близина е и чешмата Света Петка.

– За лековитоста на водата не знаеме. Важно водата е лесна и пивка за пиење. Лечи самото присуството во манастирот – велат диомаќините кои не одгледуваат ниту овци, ни кози, туку само фазани, два пауни и некоја кокошка крај сандаците со пчели.

Брзо марк го поплави денот. Блеснаа канделабрите да ја разбијат ноќта. Опиени од впечатливото живописно доживување, се враќаме по патот кој го минуваат плашливи зајаци. Треперат светулките во темнината, потсетувајќи дека секој престој во манастирот Свети Илија е ново возбудување и доживување.

Loading