ТУРНИР ВО ТЕНИС НА НОВОТО ИГРАЛИШТЕ

СОУ Гимназија „Мирче Ацев“

Turnir vo tenis vo Gimnazija

Младинската организација при гимназијата „Мирче Ацев“ организираше турнир во тенис со учество на дваесетина ученици и професори. Првиот поголем спортски настан на новото тениско игралиште придонесува за градење на спортскиот дух кај учениците. Учесници се задоволни што со новото тениско игралиште подобрени се условите за спортување во училиштето.

– Со тенис се занимавам веќе 10 години. Тенискиот терен е одличен – рече гимназијалката Бистра Петреска. 

– Со рекетот, топчето и мрежата сум 7 години. Се радувам што имаме ваков терен во нашето училиште, кој може да го користиме на часовите по спорт. Училишниот турнир, во кој се вклучени и професорите, е настан кој е направен како мала забава – рече ученичката Ева Кантарџиоска.

– Изградбата на ваквите терени е одлична можност за развојот на тенисот во училиштата. Се радувам што конечно овој спорт може да го практикуваме и во нашето училиште – кажа Давид Петрески, ученик во гимназијата.

Со тениското игралиште, повеќенаменското игралиште, фитнес салата, вештачката карпа и спортската сала, гимназијата прерасна во училиште со најдобри услови за спортување. Гимназијалците ќе добијат и терени за атлетски дисциплини. 

Loading