Поставени првите подземни контејнери
– Отпадот се носеше од градскиот пазар на оддалеченост од 200 м., а сега ќе биде потребно трипати помалку време за собирање и носење
Ќе се подобри хигиената во градскиот пазар со подземните контејнери веќе ставени во употреба од ЈП Пазари. Ѓубрето нема повеќе да мириса, ниту пак да се гледа. Проектот за поуреден град стартуваше од локацијата со најголема фреквенција и од местото каде се создава најмногу отпад. Во почетната фаза е инсталацијата на подземни контејнери во градот. Ќе се поставуваат и на други места во централното градско подрачје.
– Подземни контејнери се предвидени во близина на плоштадот Итар Пејо, зад Бизнис центарот, во близина на двете катни гаражи, кај ЦК „Марко Цепенков„ околу големите маркети и во близина на општинската зграда. Новиот начин на депонирање на ѓубрето ќе ја подобри чистотата. ЈП Пазари досега инвестира повеќе стотици илјади евра во градскиот пазар со што, од еден од најруинираните прерасна во еден од најмодерните зелени пазари во Македонија. ЈП Пазари ќе го допокрие пазарот уште на околу 200 м2, ќе ги реконструира дуќаните во пазарот и околу и ќе постави соларни панели, со што сончевата енергија ќе се користи за потребите на Пазари и централното градско подрачје – вели градоначалникот Марјан Ристески.
Со подземните контејнери, ѓубрето повеќе нема да се носи од градскиот пазар на оддалеченост од 200 метри. Собирањето ѓе биде побрзо.
– Подземните контејнери ќе им помогнат на вработените во побрзо одржување на хигиената и поефикасно ќе работат, бидејќи досега отпадот се носеше 200 м. Сега ќе биде потребно трипати помалку време, односно ќе се овозможи полесно и побрзо транспортирање на отпадот. Контејнерите редовно ќе се чистат по празнењето и нема да има непријатен мирис. Ќе се користат само во непазарните денови – вели Пеце Димоски, директорот на ЈП Пазари.
Инвестицијата е 1,9 милиони денари од буџетот на Локалната самоуправа и ЈП Пазари.