ФАБРИКА ЗА ИЛЈАДА СЕМЕЈСТВА

Камен темелник на германски ВИК кај Алинци

Инвестицијата ќе стартува до крајот на март в година

Влог од 12 милиони евра

 MG 7070

Германската компанија ВИК постави камен темелник на фабрика во технолошко индустриската развојна зона Алинци. Предвидено е инвестицијата да тежи околу 12 милиони евра во неколку фази. Фабриката ќе се простира на 10.000 м2, и во првото тримесечје од идната година ќе вработи неколку стотина, а во втората фаза ќе стигни до 1.000 работници кои ќе произведуваат апарати за домаќинството за европскиот пазар.

Сопственикот на ВИК, Кристоф Доерн, истакна дека производството на стотици илјади производи е проектирано не само да има функционалност, туку да ги исполни најновите стандарди на квалитет. Тој изрази благодарност за огромната поддршка од владините институции за реализација на инвестицијата. 

 MG 6463

– Да го исполниме замисленото потребни се умешни луѓе, кои располагаат со вештини и знаења. Потребни се многу луѓе со различни биографии, кои потекнуваат од различни културолошки средини, луѓе кои имаат различни мислења, сите да седнат да ги разменуваат мислењата и да работат. Потрагата по нов пазар во Источна Европа нé донесе до Македонија, каде што токму вакви луѓе со различна заднана седнуваат и работат заедно. Ова е една успешна приказна. Градиме зграда од темели, оти имаме верба во Македонија. Градиме доверба, партнерства, соработка, се вмрежуваме и градиме пријателства. Добивме огромна поддршка во цела Македонија и од прекрасниот Прилеп. Се чувствуваме добредојдени, особено во време кога се размислува само на градба на трговски центри. Мислам дека изградбата на производствени објекти е многу поважна. Среќен сум што ВИК ќе ги отвори наскоро вратите за сите млади луѓе со амбиција и мотивирани за работа. Го чувствуваме добриот дух на луѓето и позитивната атмосфера тука. Со голема доверба препознавме дека Прилеп и Македонија се наш одличен избор – изјави Кристоф Доерн, менаџер на ВИК.

 MG 6615

Градоначалникот Марјан Ристески рече дека сето ова немало да се случи доколку Владата и локалната самоуправа, во соработка со Дирекцијата за ТИРЗ не ја изградија атрактивната зона

– Вложени се 2 милиони евра за комплетна инфраструктура, водовод, канализација, улици, електрична енергија, осветлување, оптички кабли… Сé што е потребно за беспрекорно функционирање. ТИРЗ е комплетно подготвен за влез и на други странски инвестиции, а со дел од нив веќе и се преговара – рече Ристески.

 MG 6873

Според него, доаѓањето на големиот бренд кој изработува производи со висока технологија ќе влијае на развој на локалната економија, намалување на невработеноста.

– Вложувањето е знак за привлекување на други странски инвестиции. Компанијата ќе соработува и со локалните фирми со што ќе се отворат нови индиректни вработувања. Фабриката ќе ги запазува највисоките светски критериуми и еколошки стандарди. ВИК заедно со другите компании во Алинци ќе имаат соработка и со локалната самоуправа во насочувањето на образовниот систем во градот и профилирањето на кадри за потреба пазарот на трудот, а кои во иднина ќе најдат работа во овие компании и во домашните компании. Придобивка е и запознавањето со најсовремените светски технологии,  на кои ќе работи високо стручен кадар. Со тоа ќе се освојуваат предизвиците на новото време. Атрактивноста на зоната расте со градбата на експресниот пат Прилеп – Градско и со градбата на гасоводот Неготино – Прилеп. Двата проекти треба да финишираат во 2019 година и ќе ја зголемат атрактивноста на зоната – истакна Ристески.

 MG 6891

На настанот присуствуваа и претставници од германската стопанска комора кои истакнаа дека германско – македонската стопанска асоцијација почнала со 15 членки во 2000 г. ,а денес има преку 200 и се смета за една од поголемите комори во земјава.

– Германија е првиот извозен партнер на Македонија. Извозот изнесува 2,5 милијарди евра со тенденција на раст. Добро е што бизнисот се развива надвор од главниот град. Инвеститорите од Германија се добредојдени во Македонија. Резултатите се многу позитивни. Сега се среќаваме со предизвикот на обезбедување на кадар со стручно образование. Заедно со е колегите работиме во наредните 3 до 6 години да се обезбедува стручна обука и образование за младите, не само за оние со академско ниво, туку и за техничарите – вели Тобијас Боле, претставник на германската стопанска комора.

Изградбата на ВИК и најавените нови вработувања, како и проширувањето на погоните на Гентерм и Акомпласт, кои веќе се во тек, како и новите инвестиции во најава, се очекува да придонесат зоната Алинци да прерасне во индустриски центар со повеќе илјади работници, а што е бенефит за економскиот развој на целиот регион.

На свеченоста присуствуваа лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски, и поранешниот министер за странски инвестиции Бил Павлевски.

Loading