Домашните и странски компании ја меркаат најатрактивните општини за инвестирање
Прилеп станува сé попривлечна мета за странски и домашни инвеститори. Од град со затворени фабрики, илјадници невработени оставени на улица, уништена економија и болна транзиција, инвеститорите наоѓаат привлечно место за развој на своите бизниси. Добрите услови за инвестирање и бизнис клима, одличниот однос со странските и домашни компании, бројните поволности преку АВРМ, но и поволностите кои ги нуди локалната самоуправа се уште еден адут на градот. Поттик секако е развојната зона Алинци каде се вложија околу 2 милони евра за инфраструктурата. Веќе работат американскиот гигант во автомобилската индустрија, Гентерм. Инвестицијата е 20 милиони евра. Моментно работат над 1.000 работници. Со отворањето на уште 2 нови хали, планирани од компанијата, тенденцијата е да се вработат околу 2.000 луѓе. Гентерм произведува делови за најпознатите светски брендови на автомобили. И германската компанија Акомпласт инвестира 3 милиони евра да вработи околу 250 лица. Поради успешниот старт, се планираат уште 2 нови хали.
Почна градбата на нови индустриски зони и комплекси за домашните компании. Изграден е поголем дел од инфраструктурата во зоната Прилеп 1 со 27 милиони денари од локалната самоуправа и гранд од Светска банка од 124 илјади евра. Продадени се 21 локација. Веќе работат две компании, а уште десетина се во градба. Се очекува да се вработа над 1.500 работници. Локалната самоуправа изработи и ДУП за зоната Прилеп 2 со 12 локации. Веќе се продадени 5. За почетна цена од едно евро од м2, во тек е објавата за продажба уште на 4 локации наменети за лесна и незагадувачка индустрија, производство, стоваришта и магацини. Рокот за аплицирање е 24 јули до 12 часот, а јавната аукција ќе се одржи на 26 јули.
Во тек е донесување и на ДУП за (кај фабриките Комфи Ангел и Црн Бор) за нови 25 локации, кои, поради изведената делумна комунална инфраструктура, се доста атрактивни. Во зоната ќе има парцели од 1.300 до 35.000 м2. Ќе продолжи со детални разработки на зони на патиштата за Македонски Брод, за Крушево и на стариот пат за Битола.
Со новите ДУП-ови се предвидуваат уште две нови зони Прилеп 4 и Прилеп 5.
Со инвестициите, поддржани со мерките од АВРМ, Прилеп рекордно ја намали невработеноста. Од 25.033 невработени во 2005 г., во 2017 се евидентирани 13.835 лица. Невработеноста е редуцирана за 11.198 лица.