ПОЛЕКА, ПОЛЕКА, ЛЕЖЕРНО!

ivce1Многупати ја слушаме именката ЛЕЖЕРНОСТ. Исто така ги слушаме и придавките ЛЕЖЕРЕН, ЛЕЖЕРНО, ЛЕЖЕРНА. Што би требало да значат овие зборови? Ако речеме дека некој работи ЛЕЖЕРНО, значи дека работи полека, без непотребно брзање, спокојно. Ќе чуеме некое излагање, некој говор на извесна личност и ќе речеме дека човекот зборуваше мошне лежерно, мирно, без непотребно напрегање и непотребни гестикулации. Така, придавката ЛЕЖЕРНО ја слушаме мошне често во најразлични ситуации. Ќе се рече за некого дека премногу ЛЕЖЕРЕНО, дури и неодговорно ја врши работата. И да не должиме многу, друга ни е целта. Тој збор толку често го слушаме, толку често го употребуваме а дали сме се запрашале од каде е дојден, каде е неговиот корен? И ние лично сме биле во голема заблуда. Сме се однесувале “лежерно“ кон етимологијата на овој збор, кон неговото потекло. Чудно е , но така е. Сме мислеле дека коренот на овој збор потекнува од глаголот ЛЕЖИ. Глаголот ЛЕЖИ, обично означува дека човекот е во хоризонтална, легната положба. Во таквата ситуација човекот обично е мирен, не манифестира некоја особена активност. Обично, човекот легнува за да се одмори, да се успокои. Од овие причини сме помислувале дека именката ЛЕЖЕРНОСТ, и придавката ЛЕЖЕРНО произлегуваат од глаголот ЛЕЖИ. Каква измама! Се обвинуваме себе си што дури сега го откриваме потеклото на овој збор. Сосема случајно го сртенавме во Речникот на странски зборови и изрази од Братољуб Клаиќ. Таму е објаснето дека зборот ЛЕЖЕРЕН потекнува од францускиот збор leger (се чита: лежер), навистина се изненадивме. Проверивме и во Лексиконот на Вујаклија. Горе – долу и таму се дадени истите објаснувања.

Именката ЛЕЖЕРНОСТ, придавката ЛЕЖЕРНО и сите други изведенки се регистрирани како норма и во сите наши речници. Но, ете, најпосле, случајно, осознавме дека коренот е француски. Всушност, така е и во сите други јазици. Постојат многу зборови со туѓо потекло. Некои се користат такви како што се, некои се видоизменуваат, се трансформираат и се адаптираат на нормите од соодветниот јазик каде што влегле. Таков е и случајов. Именката ЛЕЖЕРНОСТ дури и не даваше никакви “знаци“ дека не е наша. Барем нам така ни се чинеше. Сега се обвинуваме за пропустот, а се радуваме за пронајденото решение.

Покрај јазичните грешки, мошне често слушаме и некои несмасни конструкции на определени реченици. Една новинарка, од областа на земјоделството, ја завршува својата емисија и вели: “До следната недела имајте пријатно попладне“. Од ова произлегува дека ние слушателите, целата следна седмица треба да имаме пријатно попладне, а предпладнето може да ни биде и непријатно. Инаку, за поздравот “имајте пријатно попладне“ сме пишувале и порано. Голема грешка е тоа. Наместо да ни пожелат тие ни наредуваат да имаме пријатно попладне. Помошниот глагол ИМАЈТЕ означува наредба, а не желба. Тој е во императивна форма.

Поплавата создаде голема нечистотија. Новинарката (и не само една) не известува дека калта е веќе отстранета и сега се ПЕРАТ улиците. Правиме глупости што почнавме да велиме дека ги переме колите, некои переле пари и еве сега ќе се ПЕРАТ улиците. Зар уште не им е јасно на нашиве новинари (и не само ним) дека во македонскиот јазик се перат само алиштата, а се друго се мие. Ние ги имаме двата глагола и ПЕРЕ и МИЕ. Едниот се употребува во една ситуација другиот во друга. Зошто, под силното влијание на српскиот јазик почнавме да ПЕРЕМЕ се и сешто? Оставете ги Србите. Нека си ги перат колите, нека си ги перат улиците, кај нас тоа е погрешно. За колите, за парите и за мозоците многупати сме слушале. Дека ќе се перат улиците слушаме првпат.

Ќе повториме! Во македонскиот јазик се перат само алиштата,односно текстилните производи. Се друго се мие, се промива, се плакне.

За крупните алишта, килими, покрови и други подебели текстилни ткаенени се користеше своевремено и пиралка. Се диплеа алиштата, се поставуваа на поголеми камења, и за да се истисне водата од нив се удираше со пирлаката. За сиве овие сега што велат дека ќе се перат улиците, би била добредојдена една пиралка.

За младите кои незнаат. Пиралката има форма на денешнава, модерна безбол – палка. Малку е посплескана.

Loading