В понеделник в театар
Ансамблот на театарот в понеделеник од 20 часот премиерно ќе ја прикаже претставата “Фигурае Венерис Хисториае”, во режија на Наташа Поплавска. Текстот, напишан по повод 100 години од Првата Светска Војна, е најновата драма на македонскиот автор Горан Стефановски. Всушност станува збор за македонска праизведба.
Според Поплавска, драмата е трагична фарса базирана на книгата Сексуална историја на Првата Светска Војна од Магнус Хиршфелд.
– Книгата за неморалната историја на Првата Светска Војна го документира срамот и злото на човековата природа во Војната како масовното и организирано насилство, што е круна на општествената и политичката патологија. Тоа е голема лирска баханалија – вели режисерката.
Играат, Даниела Иваноска, Игор Трпче, Зоран Иваноски, Димитар Ѓоргиевски, Наташа Наумоска, Катерина Ч. Клинческа, Димитар Црцороски, Јасмина М. Станкоска, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска и Илија Волчески.
Гостин музичар е Методија Костоски. Сценографијата е на Емил Петров, дизајнот на шминка на Бојана А. Трпческа, а костимографијата на Роза Трајчевска.
Поплавска вторпат соработува со театар по успешната со претставата “Буре Барут” од Дејан Дуковски, со која театарската куќа доби награди за ансамбловска актерска игра, оригинална музичка изведба на фестивали во Бугарија, Македонија, и награда за најдобра женска споредна улога на актерката Даниела Иваноска во Црна Гора.
Претставата е трета премиера на ансамблот годинава, поддржана од Министерството за култура.