РАБОТНИЦИТЕ СЕ ПРЕТВОРААТ ВО МАНЕКЕНИ

Жалфија

Kreiraat rabotna obleka kako za na modna pista - Ljupco PetreskiДури 22 години конфекциската фирма Жалфија за производство на работни костими, позната како облека за хигиено техничка заштита, се одржува и напредува на прилепското бизнис небо. Сопственикот Љупчо Петрески е горд што од пепел, со неколку машини тргнал во битката за егзистенција. По две децении, по неговите стапки  и темелот што го поставил, оди информатичарот, синот Илија. Со современите модели на облека за заштита, работниците се претворени во манекени, изгледаат хигиенски дотерани, технички обезбедени и без ризик за повреди.      

– До ден денеска одржуваме континуитет во производството, без ден прекин. Облеката ја користат сите фирми, без разлика дали се производствени или непроизводствени. Материјалите се квалитетни, трајни и издржуваат многу третмани на перење. Работниците треба да бидат заштитени и чисти, комотни, а облеката да им биде практична, да не ги стега или трга, туку да влијае на ефикасноста  во работата. “Облекуваме” вработени од градежништвото, индустријата, прехраната, потоа угостителството, здравството, медицината… Нé бараат од здравствените установи, оти програмата за медицинарите е широка и најзастапена со различни модели и бои. Палетата располага и со чаршави и друга опрема за болниците. Привлечни сме со понудата за фирмите со сместувачките објекти, хотели, мотели, ресторани со “руба” за готвачи, келнери, собарки… – кажува постариот Петрески.

Отскокнуваат од конкуренцијата со продукцијата на облека за пожарникарите, огноотпорна опрема.

Постојат модели за работна и модна облека за сите производствени гранки. Над 90 отсто или речиси целата ХТЗ опрема се крои и шие од осумте работници на соодветна техничка поддршка од машини. Работниците секогаш имаат приоритет и навреме земаат плати.

Конфекцијата Жалфија да ги задоволи комплетните потреби за ХТЗ опрема  набавува работни чевли, чизми, капи, шлемови и други заштитни средства. Се прават напори, трговскиот дел да биде од прва рака и да увезуваат дел од понудата, а не да ја набавуваат од домашни увозници.

– Трговијата ја одржуваме да им излеземе во пресрет на компаниите. Тие не сакаат да шетаат по повеќе дуќани, туку на едно место, без да губат време да ги извршат набавките и да ги задоволат законските стандарди – вели  Петрески.          

Реагира на  нелојалната конкуренција. Смета дека трговци, кои  конкурираат на тендери, нарачуваат ХТЗ опрема со сомнителен квалитет од диви домашни производители.

– Државата е нужно да стави ред на незаконитото производство и да влијае на менувањето на носечките поени на тендерите, а тоа е цената. Никој не бара квалитет, потекло или стандард на тендерите. Тоа не е добро, така што легалните конфекции се неконкурентни. За трговците е ќар да извадат и еден денар. Производството е оптоварено со сите реални давачки и даноци, кои се нужни и се законска обврска  – се жали Петрески.

Додава дека сепак има иднина, оти се очекува раст на вработувањата, а со тоа и на опремата за заштита на работниците. Извозот е комплициран за мали фирми, зашто не располагаат со технички капацитети за големи серии.

Жалфија во 2012 г. е добитник на наградата за општествена одговорност на претпријатијата во категоријата вложување во заедницата кај малите и средните фирми. Една година подоцна во витрините е ставена и благодарница. 

Loading