СО ВРВНИ РЕЗУЛТАТИ ОДБЕЛЕЖАН ПАТРОНОТ

ОУ “Гоце Делчев”

Trajce Karalioski - direktorТешко дека има подостојно одбележување на патрониот празник, отколку учениците со освоени награди да му се отчестат. Гоце Делчев,  патронот на основното училиште со негово име, бил токму учител и сигурно би се гордеел со успесите кои деновиве ги “ожнеаа” многу негови потомци. И тоа само за неколку дена, и на неколку натпревари. Каде и да пошле се вратиле облагородени со некој од медалите.

Завидните успеси не се случајност или резултат на кампањско работење. Тие се должат на прекрасната атмосфера за учење, одличниот однос на стручниот кадар со учениците и постојаната надоградба на наставниците со знаења од акредитирани институции. За сî да работи како подмачкано, значајна улога има и “моторот“ на оваа образовна инстанца, директорот Трајче Каралиоски, кој од петни жили, директно или индиректно, дава сî од себе, за подобрување на квалитетот на наставата.

За патронатот, училиштето издало и годишен весник, каде се потенцирани сите значајни активности во 2013/14 година. Во продолжение ќе спомнеме само дел од наградените ученици во најразлични полиња, и со тоа докажувајќи дека со обостран труд на менторите и нивните пулени, резултатите не изостануваат.

НАЈДОБРИ МАТЕМАТИЧАРИ

Darba za brojkiЕгзактна наука, која бара талент, трпение, а најмногу учење, математиката, е предмет во кој резултатот е само еден – точниот. Тука нема место за грешка. Па затоа и кај поголем број на ученици нема јак интерес. Светлото кое ја растерува сенката од “страшниот” предмет ја носат наставниците, кои пластично, на разбирлив начин им ја пренесуваат материјата на учениците. ОУ “Гоце Делчев” на регионалниот натпревар по математика, пратил екипа од осум ученици, а дури петмина се вратиле со најсјајниот медал – првото место. И екипно биле најдобри. Не било лесно да се победи во натпревар со учесници од Прилеп, Крушево, Македонски Брод и околните општини. Златоносни математичари се, неуморната Инес Лесноска со менторот Емилија Николоска, Деница Темелковска и Емилија Џајкоска под менторство на наставникот Богослав Бардакоски, Благоја Овезоски со менторот Билјана Попоска и Марко Танески под менторство на Сузана Здравеска. Забележителни успеси имале и Божидар Илиески со трето место, како и Марко Тодороски и Брајан Петкоски кои добиле пофалница. Никој не се вратил со празни раце, а радоста и кај менторите и кај учениците е неизмерна. По регионалниот натпревар, очекуваат резултатите да ги повторат и на државното првенство во математика, организирано од сојузот на математичари на Македонија заедно со Бирото за развој на образованието и министерството за образование.

ТЕХНИЧАРИ БЕЗ МААНА

Gi biva za se i sesto - nagradenite od Narodna tehnikaНа 38. меѓународна смотра на млади техничари и природници, од вкупно 23 дисциплини, прво место добиле 12 ученици од ОУ “Гоце Делчев”. Тие се најбројни по првите места, а и одлични како екипа. За небесните науки, Астономија и Астронаутика со труд и изработени проекти вредни за почит, прво место освоиле Анастасија Атанасоска и Марија Нашулоска, соодветно, со менторот Соња Димоска. Наученото за здравата и чиста животна средина, со показен проект по Екологија и донел прво место на Тамара Димеска под менторство на Билјана Георгиеска. За Метеорологија, Стефанија Стефаноска добила прво место со менторот Златко Петрески. Прва по дисциплината Кино и видео техника е Борјана Конеска, по Комјутерска техника, Исидора Овезоска и по Фото техника Бојана Кузманоска, сите три со менторот Летка Дојкоска. За Применета биологија “растур“ направила Кристина Димитриоска, со менторот Донче Ангелеска, а за првото место по Применета географија се погрижила Кристина Николова со менторот Златко Петрески. Најдобри за Применета физика, хемија и радио техника биле, редоследно, Елена Ангелеска (ментор Соња Димовска), Ангела Кочоска (Кети Иваноска) и Наталија Кочоска (Сузана Здравеска).

ИДНИ СООБРАЌАЈЦИ

Diplomirani ,,soobrakajci,,Во ОУ “Гоце Делчев”, од време ја негуваат грижата за безбеден сообраќај од мали нозе. Во две екипи, мала (до шесто одделение) и голема (од седмо одделение), наставникот по техничко образование, Михајло Велкоски, со вредни подготовки и теоретска спремност го извлекол максимумот. На натпреварот Пионерски семафор, сите “поминале на зелено”. Во малата екипа, прво место освоиле Наталија Столеска и Алексеј Бошкоски, а второ Елеонора Тренкоска. Забележително учество имал и Леонид Тасески. Кај големите, Гоце Стојаноски бил прв, а веднаш зад него Габриела Лазоска.   

НЕГУВАТЕЛИ НА ЈАЗИЦИТЕ И ЛИТЕРАТУРАТА

Ljubiteli na stranski jaziciЉубовната искра од учениците кон мајчиниот јазик, глобално најзастапениот англиски јазик и вториот официјален јазик на ЕУ – францускиот, со редовна настава и воннаставни часови постојано е распламтувана од наставничките Весна Крстеска, Благица Чатлеска и Ирена Наумоска. Преку друштвото на наставници по англиски јазик, ЕЛТАМ, кое го организирало регионалниот натпревар за пелагонискиот регион, осмоодделенката Инес Лесноска освоила прво место, а соученичката Ева Касниоска, второ. Инес, буквално, само го сменила столчето од натпреварот по математика, со тоа по англиски.

Францускиот јазик, во последно време добива преродба, па интересот за мелодичниот, љубовен и течен јазик расте, а тоа е најочигледно во ОУ “Гоце Делчев”. Таму, покрај учењето во француската секција, има и веб страница на која “французинчињата” можат да го споделат наученото. Со толкав интерес, а и внесена голема доза на труд, немало каде да бега првото место на регионалниот натпревар по француски во конзулскиот град, Битола. Заслужено го зграпчила Јулија Сисиркоска.

Меѓутоа, колку и да се сака некој странски јазик, најмногу грижа и љубов треба да има за мајчиниот – македонски јазик. Тоа на дело го покажала осмоодделенката Ана Марија Мирческа со добиеното прво место на регионалниот натпревар.  

Од само неколкудневните успеси на натпреварите, се гледа дека учениците и наставниците на дело го исполнуваат мотото на далекугледиот револуционер и учител, Гоце Делчев – “Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар на народите”.   

Loading