ДЕЦАТА СО АУТИЗАМ ИМААТ ПОТРЕБА ОД ДНЕВЕН ЦЕНТАР

Autizmot lesno se otkrivaОУ “Климент Охридски” е единственото училиште со посебна паралелка за деца со симптоми на аутизам. Во втора година, со посебна програма, се образуваат три деца и со нив работи дефектологот Емилија Ралоска – Бундоска.

– Аутизмот не е болест, туку е состојба. Се карактеризира со хипер или хипоактивност. Раните знаци на аутизмот се препознаваат од возраст на 2-3 години и едни од главните се: избегнувањето на очен контакт, одбегнување на луѓе и потежок развој на говорот. Штом родителите ќе увидат некој од овие симптоми кај детето, преку доктор, посебна комисија за категоризација одлучува и дава наод, според кој се утврдуваат знаци на аутизам. Со наодот се прима детето да присуствува во настава во посебни услови – објаснуваат од училиштето.

Доколку децата покажуваат хиперактивност се користат лекови, а се внимава на исхраната која не треба да содржи шеќер и треба да е диетална.

– Секое дете на различен начин го покажува аутизмот, но заеднички симптоми се немањето на концентрација, живеење во сопствен свет, избегнување на метеж и посилни звуци, насоченост кон една работа и репетитивност. Според програмата на Бирото за развој на образованието, децата со аутизам имаат 21 час во прво и 23 часови адаптирана настава во неделата. Предвидена е настава до деветтолетка. За развој на психо-моториката кај овие деца, работиме со визуелни апарати за зголемување на вниманието, и со изработка на фини работи како нижење на ѓердани, местење коцки и работа со пластелин. Користиме и т.н. глобално читање да ја развиеме писменоста. Сепак, покрај сите нови трендови што ги следиме во развојот на деца со аутизам, не е можно да се вклучат во редовна паралелка – сметаат дефектолозите од ОУ “Климент Охридски”.

Тие додаваат дека на градов му е потребен дневен центар за деца со аутизам, каде тие би можеле подолго време да поминат со стручен кадар во, за нив, пријатни услови. Од странски искуства, кажуваат дека од голема помош во борбата со аутизмот би била сензорна соба, која преку бои и звуци ќе ја зголеми психо-моторната активност кај децата со оваа состојба.

Loading