СОВРЕМЕНА ЛЕКАРСКА ПОМОШ ЗА ЖИВОТНИТЕ

Ветеринарна клиника Прилеп

24 casa doktor na raspolaganje za dobitokot - Nikola MarinovskiПревентивната и куративната грижа за животните е  основната дејност на Ветеринарната клиника Прилеп која веќе две години нуди современи и ефикасни услуги втемелени на поранешната ветеринарна станица. Клиниката е отворена во декември 2012 година. Таа е со ново име и со нови луѓе. Поставена е на темелите на станицата д-р Димитар Москов. Приватната клиника во чиј фокус е здравјето на крупниот добиток, овците, како и на домашните миленичиња работи по законските нормативи со врвни стручни екипи, а располагаат и со мобилен ехо апарат кој овозможува побрза дијагностика и ефикасност.

Сопственикот Никола Мариновски, кој, по купувањето на поранешната ветеринарна станица и по направените инвестиции, открива дека приватната клиника планира да ја доосовремени, дури и со подвижен рентген апарат, кој го нема ниту една ветеринарна станица во државава. Посветено работи во бизнисот, нудејќи како приватна ветеринарна клиника квалитетни услуги.

– Клиниката е регистрирана за оперирање со дозвола. Планираме да прераснеме во современа регионална ветеринарна клиника. Ќе набавиме портабилен рентген. Располагаме со мобилно ехо, со кое одиме на местото каде треба да се сними животното. Рентгенот ќе овозможи полесно дијагностицирање на болеста. Посебно кај кравите кои се хранат со балирана слама, па се случува да каснат некој предмет, при што може да помогне ехото и рентгенот за покрупен оперативен зафат. Како ветеринарна клиника ги вршиме сите комплицирани породувања што се појавиле кај нас. Работиме со царски резови, сме лечеле скршеници на коски, сме вметнувале шипки на коски и сите услуги – вели сопственикот Мариновски.

Ги вршат сите здравствени услуги кои се задолжени да ги преземат сточарите кај стоката согласно со законските прописи. Вршат вакцинирање на животни, осеменување, заштита и друго. Кај кравите го лекуваат маститисот, кај овците модра надвимница, а имаат терапија и за брливост. Вршат вакцинирање против бруцелоза кај овците и јагнињата, потоа спроведуваат ентеровакцина, која е внесена во годишната наредба, а е за заштита на овците и е задолжителна за сточарот. Со набавка на семиња од ветеринарниот факултет спроведуваме осеменување. Прават хормонални осеменувања кои се синхронизирани за определени термини.  

– Услугите се бараат во сите дејности. Претежно работиме на крупен добиток. Покриваме околу 105 села во трите општини – Прилеп, Долнени и Кривогаштани. Можеме превентивно да вршиме услуги на цела држава, доколку сточарот склучи договор со нас. Моментно имаме шест доктори и шест техничари, а четири возила секојдневно излегуваат на терен опфаќајќи го канатларскиот, долненскиот, кривогаштанскиот и прилепскиот регион – објаснува Мариновски.

За добивање на државната помош за одгледување на крупниот и ситен добиток, сточарите треба да аплицираат со уредни документи.

– Вршиме обележување на говедата, овците и јагнињата и ги евидентираме во ветеринарно – информативниот систем. Сите животни треба да бидат евидентирани, да може сточарот да аплицира за субвенции. Оваа година апликациите се прифаќаат до 31 мај. Сî што е запишано заклучно со овој датум, треба да се чува до 21 октомври за да биде предмет на контрола од страна на инспекторите од министерството за земјоделие. Доколку се случи смрт во меѓувреме, сточарот е должен да ја извести платежната агенција со што се објавува во ветеринарниот систем. Тоа се прави и при продажба. Само едно говедо, ако не е прописно евидентирано, може да се случи да му се укинат субвенциите на сточарот за наредните пет години, сметајќи дека лаже. Оваа година се врши попис кај пчеларите до 15 април, за презимени пчелни семејства за кои следуваат субвенции. Пчеларите се должни да ги пријават сите презимени пчелни семејства, за да им направиме пописен формулар со кој се аплицира за субвенција – вели Мариновски.

Вршат услуги и за домашните миленици. Од годинава кучињата треба да бидат обележани со чип.

Ветеринарната клиника работи 24 часа, со дежурен доктор кој стручно нуди висококвалитетни услуги за животните.    

Loading