Прилеп – учесник на најголемата Детска меѓународна смотра
Креативното образование, активната настава и стимулирањето учениците од ОУ знаењата да ги стекнуваат искуствено, преку ангажирање и творење, под менторство на своите наставници, е предизвикот на најголемата Меѓународна детска смотра “Детски велигденски собир”, која по десетти пат го организира УГ “Креатива” Бања Врујци, Србија.
Учениците и наставниците од седум земји, твореа на темите: “Мојата татковина”, “Моето семејство” и “Традициите од мојот крај”, преку литературни и ликовни творби, презенатции од работилници во наставата, образовни и кратки филмови и театарски претстави.
Во конкуренција од над 1500 ликовни творби, првооделенката Алина Андоноска, од ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”, под менторство на наставничката Наташа Мирческа, се пласираше во финалето со цртежот “Тутуноберачка”, а во категоријата образовен филм учениците од петтите одделенија, под менторство на наставниците Розита Кареска, Кети Стевананџија, Јованка Антоска и Тони Ташкоски, од истото училиште, влегоа во трката за награда со филмот “Така било од секогаш”.
Завршната манифестација, со прогласувањето на најдобрите од секоја категорија ќе е на 21 и 22 овој месец во Бања Врујци со голема смотра на креативните творби на учениците и наставниците, учесници на конкурсот и низа работилници со кои учесниците ќе ги претстават своите земји и местата од каде доаѓаат.
Нашите учесници се подготвуваат за завршницата на детскиот велигденски собир, а лајт мотивот е промовирањето на нашата земја и нашиот град со темата “Милениумски Прилеп”.