ДОМАШНИ КОРИ ЗА СЛАТКО-БЛАГО

“Чико Лукс” од Кривогаштани

Домашни кори за баклава, пити и гибаници, веќе 7 години по ХАССАП системот произведува фирмата “Чико – лукс” од Кривогаштани. Сопственикот Славиша Петрески (27) храбро зачекорил во сопствено производство со едукацијата која ја стекнал и сенсот за започнување на бизнис, кој има перспектива. Го осовременува производствениот процес, а размислува и за проширување на асортиманот.

– Идејата за ваква фирма дојде од искуството кое го стекнав кај  роднини во Србија. Од Белград го научив рецептот за кори. Таму бев еден месец, доволно за да ја совладам техниката. Почнав, затоа што барав нешто да работам. Првите години беа потешки, додека наоѓавме пласман. Полека се прочувме на пазарот со квалитет – раскажува Славиша Петрески, сопственик на “Чико Лукс” од Кривогаштани.

Разликата во корите за баклави и оние за пити и гибаници е во дебелината и начинот на пакување. Производите ги пласираат во Прилеп,  Битола, Струга и Охрид.

– Брашното пред сî мора да е квалитетно. Ако се работи со поефтино, се губи и паѓа квалитетот. За добри кори, потребно е екстра брашно, за тестото да биде тенко и да не се појавуваат дупки. Корите се рачно тегнети, а со машина се дорастегнуваат и потсушуваат на полуавтоматска линија – вели Петрески.

Задоволен е од досегашниот тек на бизнисот. Постојано размислува за усовршување, осовременување и зголемување на капацитетот на производството.

– Првите години се работеше строго рачно, без машини, а пред две години ја купивме машината за кори. Напредуваме и имаме поголемо производство, а за понатаму недостасува капацитет за дополнителни количества. Само така ќе успеваме да ги задоволиме барањата, посебно за новогодишните и другите празници, кога се бара такаречи пакување повеќе. Не сме подготвени да ги покриеме екстремните и нагли потреби. За да се чекори напред, потребни се вложувања и проширување на  просторот, а и ангажман на повеќе луѓе – вели Петрески.

 Корите се со трајност од 10 до 15 дена, но само на температура од 4 степени. Со зголемена температура се намалуваат трајноста. Доста е тешко да се знае колку дистрибутерите ќе достават и колку ќе се потроши, а и во продавниците да знаат кога треба да се повлече производот од продажба.

– Во некои продавници го чуваат производот во фрижидер, а некои не. Едновремено треба да се одреди во која продавница, колку може да се потроши и да се остави. Ако има повеќе, тоа се расипува. Потребно е големо внимание. Расипаната стока е трошок. Ако се чува на несоодветни услови и рокот на траење да не е изминат, се расипуваат корите. Ги имаме испитувано на соодветни услови и утврден е рокот на траење. Корите можат да се замрзнат само еднаш. И тогаш треба постепено да се одмрзнуваат – вели Петрески.

Имаат континуитет во продажбата преку целата година. Размислуваат за проширување на асортиманот на производи со јуфки, кадаиф, тарана, лазањи и резанци.

КОРИ СО БАР КОД

Производите од “Чико – лукс” на паковките имаат и бар код со кој без проблем може да се продаваат во трговската мрежа особено во големите маркети.

– Го имплементиравме со финансиска поддршка на УСАИД проектот. После имаше зголемена продажба во сите маркети. Постапката за добивање на бар код не е долготрајна, но е финансиски трошок. Ако не беше проектот, ќе вложевме, зашто бар кодот се бара во трговијата со ваква стока – вели Петрески. 

Покрај декларацијата на артиклот, работат на усовршување на дизајнот на пакувањето и на заштитно лого, кое ќе одговара во потполност на амбалажата со квалитетот кој го имаат производите.  

Loading