ИМА ПЕРСПЕКТИВА ГРАДСКИОТ СООБРАЌАЈ

РУНА – МАК           

Веќе 14 години фирмата Руна – Мак, на Рубин Атанасоски е превозник на патници низ градов и општинава. Официјално е регистрирана за превоз на патници во градскиот и приградскиот сообраќај. Последниве години врши дел од превозот на ученици од селата до градов, но и учениците кои до училиштето треба да минат над 2,5 километри.  

Атанасоски е оптимист и смета дека овој бизнис има иднина. Ја поздравува идејата на локалната самоуправа за градски сообраќај. Не ја исклучува можноста за соработка во организирањето на градскиот превоз.  

Инаку, тој станал превозник, бидејќи првин бил возач на автобус.

– Идејата се роди, зашто од порано имав мерак да возам автобуси. Работев кај приватник низ Прилеп и околината. Работата ми создаде можност да возам со сопствен автобус за Крушево. Еден од колегите ми понуди да ми го продаде возилото заедно со работата, односно превозот на учениците. Правев есап и предлогот ме заинтригира, ама пари немав. Се заборчив кај роднини и пријатели, да го купам автобусот. Додека собирав пари по куќи, понудувачот се испишмани, а останав со позајмени пари без автобус и работа. Не ја бива работата да ги враќам парите и купив автобус. Не ми тргна работата со Кривогаштани. Се разочарав, ама тргна со Тополчани. И ден денес ја одржувам линијата за Тополчани, која е проширена и до Канатларци, па и до Подмол – ги кажува Атанасоски трнливите патишта во бизнисот.

Денес тој располага со три големи автобуси, нископодни од фирмата Неоплан и четири Ивеко минибуси. Сите сообраќаат главно за превоз на ученици и линиски превоз.

– Искуството докажува дека културата и менталитетот на прилепчни оди напред. Првите години беше малку тешко. Децата беа понепристојни. Пушеа, вревеа, оштетуваа. Со време се самодисциплинираа како да се однесуваат во автобус. Засега добро тече бизнисот – оценува сопственикот на Руна – Мак. 

Тој смета дека градскиот сообраќај ќе биде од корист, оти ќе го опфати целиот град, а не само учениците.

– Имав проект што предвидуваше да се опфати градот, вклучително и фабриките, конфекциите, како во Скопје. Можеби со автобусите ќе соработувам со општинскиот градски сообраќај. Постои можност за деловно – техничка соработка. Сакам да опстојува градски сообраќај. Ако соработуваме со градското претпријатие, ќе имаме заеднички интерес, а сами не сме во можност. Нужни се постојки, обележан возен ред, рекламирање… Скапо е осигурувањето на патниците. А има и диви превозници кои ја туркаат цената и до 10 денари – вели Атанасоски.

Фирмата Руна – Мак со искуството стои на располагање за техничка помош во организацијата на градскиот сообраќај.       

Loading