УСПЕШНО ВКЛУЧУВАЊЕ НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

Во ОУ “Гоце Делчев” се одвива пилот проектот за вклучување на учениците со посебни образовни потреби. Дефектологот Елизабета Секулоска заедно со стручните служби на училиштето се вклучиле во програмата на УСАИД “Еднаков пристап за еднакви можности”.

– Добивме 10 сета, нагледни помагала за децата со проблеми во образовниот процес. Тие се дел од активната техника и методологија што ја користиме. Сетовите се доста скапи, околу 1 200 евра, но се од голема помош, зашто помагаат на учениците со дислексија, дискалкулија, аутизам и други проблеми да ги совладуваат образовните содржини заедно со другарчињата од одделението. Сите наставници се обучени за користење на апликациите и хардверот, а и учениците брзо се навикнуваат – објаснува Секулоска.

Во сетовите, има тастатури со интензивни бои и одделени типки за согласки и самогласки, џојстици, трекбол за подобро снаоѓање со материјалот што се учи… Со програмата “За бројките” им се помага на децата со потешкотии во математика, а “Покажи ми” е одлична за децата со аутизам или дислексија. Иако е пилот проект, резултатите се видливи и задоволувачки и за децата, родителите и за наставниот кадар. Најголем успех е тоа што сите деца учат во иста училница, и сите еднакво ја следат наставата. Инклузијата на учениците со посебни потреби е ср’жта на проектот. Сите се задоволни од програмата, која вродила со плод, па учениците ги прифатиле нивните врсници и им помагаат доколку затреба. Солидарноста, комуникативноста и социјализацијата се покажуваат на дело и се искрени, токму затоа што се од мали деца.

Со вакви резултати, неизбежна е понатамошна соработка со УСАИД и продолжување на програмата со набавка на нови нагледни помагала.

Loading