БЕНДЕМЕ МЕСО ОД КАСАП ОД МАЛИ НОЗЕ

Месарница Креас

Скромниот касап, Дарко Николоски, по 18 години со ножевите и сатарот во други месарници, пред една година стана сам свој газда и ја отвори месарницата Креас. Мајсторилакот во обработката на свежото месо сега го нуди на муштериите. На помош му е сопругата Јасмина. Благодарен е на мајсторите кои “му ги отвориле очите”, односно му ги пренесле тајните на професијата, зашто занаетот е “златна ракавица”.       – Со возраст од 33 години, зад мене се 18 години работно искуство. Најголем дел од досегашниот ангажман го минав во месарницата Европа. Таму го печев занаетот. Искуство црпев една година и во месната индустрија Борановиќ во Црна Гора. Тоа беше добра ука, богатство за понатамошното работно знаење, добра плата како обработувач на сурово месо. Се вратив, оти сум семеен човек со жена и две деца – кажува Николоски за касапската кариера.

Без ничија помош, со сопствени средства најмил простор карши старата бања и вели дека го “трефнал” местото. Месарницата со името Креас, што на грчки значи месо, е опремена по ХАСАП системот. Дарко ја купил нова сета опрема, од фрижидери, витрини, ножеви, машината за мелење месо и тн.

– Свежото месо го набавувам од Велес, а сам го сечам на парчиња. Во витрините и фрижидерите располагам со свинско, јунешко месо, сето удина, колбаси, ширдени, амур за скара… Сé е висок квалитет, бендеме. Располагам со пресно месо за секакви муштерии и за сечиј вкус. Прилепчани најмногу го “трошат” свинското. А препознатливи сме со колбасите со ситно сечкано месо. Деловни контакти остварувам само со поединци. Не соработувам со кафеани и ресторани. Не се сигурни за плаќање. Со парите на видело, чиста е сметката. Не се жалам. Работата убаво тргна. И продолжувам. Се заработува за пристоен живот. Но, треба вложување на труд со долго засучени ракави – објаснува касапот Николоски.

Месарот Дарко е и образовно поткован. Квалификуван месар е со завршено средно училиште за преработка на месо. Вели дека месото најмногу се бара од април до август, кога нема толку пости. Сепак, има муштерии цела година.

– Со ова темпо, ако продолжи работата, Господ здравје, може да вработам уште еден човек за припомош – задоволно завршува Николоски.     

Loading