ГОЛЕМИ НАДЕЖИ ПО АНГЛИСКИ

ОУ “Блаже Конески”  

Училиштето во Точила е полно со таленти по разни предмети, а можност да се истакнат ќе имаат оние кои го владеат англискиот јазик.

Наставничките по англиски – Марија Василеска и Валентина Кочоска, успешно аплицирале ОУ “Блаже Конески” да биде место за прелиминарно тестирање за меѓународниот натпревар “Хипо”. Натпреварот на европско ниво се одржува втора година, а го организира британската издавачка куќа Лонгман.

– Натпреварот ќе е во пет категории според возраста на учениците. Право на учество ќе имаат учениците од 10 до 19 години. Тестот е во три дела, слушање со разбирање, читање и пишување на есеј. На официјалната веб страница има пример како ќе изгледа тестот, но темите ќе се разликуваат. ОУ “Блаже Конески” ќе има 26 учесници и тоа од 5, 6 и 8 одделение – објаснува Валентина Кочоска.

Најдобрите, според оценките од организаторот, ќе одат на вториот дел на натпреварот во Лидо ди Јесоло, Италија. Таму заедно со сите најдобропласирани од Југоисточна Европа ќе ги мерат силите за познавање на англискиот јазик. Споредено со ланската година, се очекува силна конкуренција, зашто тогаш имало над пет илјади ученици од сиот Балкан, а само 42 финалисти.

Учениците од ОУ “Блаже Конески” се избрани како најдобри. Се подготвуваат со сите сили, затоа што, доколку се вбројат меѓу најдобрите на натпреварот од Италија, добиваат седумдневен престој во Англија и меѓународно признат сертификат за познавање на англиски јазик.

Loading